Свет

ПРВ КРИВИЧЕН СУДСКИ ПРОЦЕС ПРОТИВ ПОРАНЕШЕН ПРЕТСЕДАТЕЛ НА САД: Доналд Трамп на обвинителна клупа

Подготовките за судењето на поранешниот американски претседател Доналд Трамп, каде што тој ќе се соочи со процесирање поради обвинение за кривичното дело „поткуп“, продолжуваат со процедурата за избор на поротници. Првите седум поротници беа избрани во вторникот, а процесот на селекција продолжува сѐ до изборот на телото од 12 члена и шест заменици, кои „треба да бидат фер и непристрасни кон поранешниот претседател на САД“.

Судскиот процес предизвикува големо медиумско внимание

Во врска со процесот, кој предизвикува големо медиумско внимание, „Ројтерс“ објави дека судијата ги предупредил адвокатите оти нема да толерира какви било напори за заплашување на потенцијалните поротници. Судијата ја изнел ваквата забелешка откако констатирал дека Трамп „гласно мрмори“ додека еден од можните членови на комисијата бил испрашуван. Беа објавени и непотврдени вести дека, наводно, адвокатскиот тим на Трамп веќе ги прочешлал фејсбук-профилите на избраните поротници.
Трамп, републиканскиот кандидат за претседател на изборите на 5 ноември, се соочува со 34 кривични обвиненија за фалсификување деловни досиеја за да се прикрие премолчена исплата на пари на порноѕвездата Сторми Даниелс, непосредно пред изборите во 2016 година. Даниелс вели дека имала средба со Трамп околу една деценија претходно. Наводно, за да го купи нејзиното молчење за содржината на средбата, Трамп преку адвокат на Даниелс ѝ исплатил 130.000 долари. Би-би-си објави дека Трамп негирал дека ги фалсификувал деловните досиеја за да прикрие уплата за молчењето на Даниелс непосредно пред изборите на кои тој победи.
Трамп се изјасни за невин и негира дека се случила средба. Тој го нарече случајот, поднесен од демократскиот окружен обвинител на Менхетен, Алвин Брег, партиски „лов на вештерки“ со цел да се меша во неговата кампања за соборување на демократскиот претседател Џо Бајден.

ПРЕДИЗВИК Е ДА СЕ НАЈДАТ 12 НЕПРИСТРАСНИ ПОРОТНИЦИ!?

Интересно е дека деновиве американските медиуми особено внимание посветуваат на изборот на членовите на поротата. Па така, се оди во детали дека, на пример, седумте поротници избрани во вторникот вклучуваат маж по потекло од Ирска, кој ужива да ги гледа МСНБЦ и Фокс њуз, жена што работи како медицинска сестра на онкологија и ужива да го носи своето куче во парк и корпоративен адвокат, кој рече дека не ги следи будно вестите.
За време на испрашувањето од страна на адвокатот на Трамп, Тод Бланш, претходно во вторникот, медицинската сестра рече дека нема силно мислење за Трамп. Но рече дека „никој не е над законот“.
Изборот на поротата започна во понеделникот, а треба да продолжи денеска по вчерашниот слободен ден. Судијата Хуан Мерчан рече дека воведните изјави може да се одржат следниот понеделник, но предупреди дека тоа би можело да биде одложено.
Шеесет од 96 потенцијални поротници побрзаа да кажат дека не можат да бидат непристрасни откако постапката започна во понеделникот. Отказите беа показател за тоа колку е предизвик да се најде група од 12 непристрасни поротници за случајот поврзан со сексуален скандал од висок профил во кој е вмешан поранешен претседател, кој сака повторно да се кандидира за Белата куќа.
Окружното обвинителство на Менхетен тврди дека Трамп му наредил на својот поранешен адвокат Мајкл Коен да ѝ плати на Даниелс 130.000 долари во замена за нејзиното молчење за наводната средба, што поранешниот претседател негира дека се случила.

ОБВИНЕТИОТ НЕГИРА ВИНА

Обвинетиот Трамп молчеше во текот на првиот ден на постапката, зборувајќи со своите адвокати со тивок тон, додека одржуваше строг израз.
Неговиот тим подоцна ги негираше сугестиите дека поранешниот претседател се борел да ги држи очите отворени или дури и заспал за време на постапката, велејќи за „Индипендент“: „Ова се 100 отсто лажни вести, кои доаѓаат од ’новинари‘ што не биле ни во судницата“.
Трамп зборуваше за медиумите претходно во вторникот наутро, пред да влезе во судницата, при што даде свое мислење за судијата Хуан Мерчан и кого го нарече „конфликтен“ судија.
– Имаме судија што го мрази Трамп. Имаме судија што не треба да биде во овој случај. Тој е целосно конфликтен. Но ова е судење што никогаш не треба да се случи. Требаше да биде исфрлено одамна. Ова е судење што се следи и се анализира низ целиот свет. Секој правен експерт, секој правен научник рече дека ова судење е срамота – рече Трамп.
Судењето се очекува да трае најмалку шест недели, а изборот на поротата се очекува да трае најмалку една недела. Х.И.


Американците сметаат дека Трамп бил многу поуспешен претседател од Бајден

Истражувањата на јавното мислење покажуваат дека Американците го сметаат Доналд Трамп за многу поуспешен претседател од Џо Бајден.
Резултатите од претседателствувањето на Трамп позитивно ги оценуваат 42 отсто од испитаниците, а само 25 отсто позитивно го оценуваат Бајден, пренесува Фокс њуз.
Како што забележуваат менаџерите на каналот, тоа не е изненадувачки: Трамп не се мешаше во војните и ја одржуваше економијата во многу добра состојба.

Тагови

Поврзани вести