Современите научни модели сè повеќе ја разгледуваат можноста органскиот материјал да преживее екстремни услови во вселената, особено по откритијата дека такви материи се зачувани на астероиди и комети. Тоа отвора прашање дали животот може да се пренесува меѓу планетите. Оваа идеја е поврзана со теоријата за панспермија, според која основните елементи на животот можат да се пренесуваат преку вселенски тела. Кога на една планета ќе се создадат услови за живот, силни удари од астероиди или комети можат да исфрлат дел од материјалот во вселената, кој подоцна може да стигне до друга планета. Додека порано ваквите сценарија најчесто се поврзуваа со размена меѓу Земјата и Марс, во последно време вниманието сè повеќе се насочува кон Венера, особено по дискусиите за можен микробен живот во нејзините облаци. Научници од Универзитет Џонс Хопкинс и Сандија национални лаборатории ја анализирале оваа можност преку модел кој ја проценува веројатноста за постоење живот. Во него се земаат предвид три клучни фактори: како настанал животот, колку е отпорен и дали постојат услови што можат да го одржат. Еден од најголемите предизвици е дали микроорганизмите можат да преживеат при патувањето низ вселената, каде што се изложени на високи температури, силно зрачење и вакуум. Сепак, истражувањата на метеорити покажуваат дека одредени органски соединенија можат да издржат вакви услови. Во следната фаза, научниците испитувале што се случува кога ваков материјал ќе навлезе во атмосферата на Венера. Според нивните симулации, метеорите при влегување се распаѓаат и се шират во атмосферата, создавајќи облак од честички кои можат да се задржат токму во нејзините облаци – единствениот дел од планетата каде условите се барем делумно погодни за живот. Резултатите покажуваат дека во текот на долги временски периоди, милијарди микроскопски честички би можеле да се пренесат од Земјата до Венера. Според проценките, секоја година мал број од нив би можеле да преживеат и да стигнат до слоевите каде што потенцијално би можеле да опстанат. Иако истражувањето има свои ограничувања, научниците нагласуваат дека овие резултати ја зајакнуваат можноста за меѓупланетарен пренос на живот. Тоа значи дека доколку некогаш се потврди постоење живот на Венера, не е исклучено тој да има потекло од Земјата, а не да е целосно независно настанат.