Култура
Македонскиот караман доби светска потврда за своето потекло

Македонија доби уште едно официјално признание за своето културно и природно наследство, откако овчарското куче караман беше вклучено меѓу признатите раси на светско ниво. Со ова, расата стана дел од регистарот на 378 официјално признати кучиња од страна на Меѓународна кинолошка федерација.
Станува збор за автохтона раса која со векови се користела за чување стада во планинските предели на Македонија, а сега добива и меѓународна потврда за своето потекло и вредност.
Претседателот на Кинолошкиот клуб „Македонско овчарско куче Караман“, Илија Каров, истакнува дека ова признание е резултат на долгогодишна посветеност и работа. Според него, процесот на истражување, документирање и стандардизација на расата траел повеќе од две децении.
Тој додава дека признавањето не претставува само формално впишување во меѓународните регистри, туку и значаен момент за афирмација на македонското наследство и традиција.
Официјалната одлука е донесена на 21 февруари, со што караманот доби статус на самостојна раса, препознаена на глобално ниво.



