Македонија

Христос воскресе-навистина воскресе! Велигденски литургии низ Македонија

Православните верници денеска го празнуваат Велигден, најголемиот христијански празник кој го симболизира воскресението на Исус Христос и победата на животот над смртта. Со полноќните богослужби во храмовите ширум Македонија беше објавена веста за Христовото воскресение, по што следуваат и денешните свечени литургии.

Поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, г.г. Стефан, служеше во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје, од каде упати велигденска порака до верниците, повикувајќи на вера, единство и духовна обнова.

Велигден претставува спој на верата и традицијата, кои се пренесуваат со векови. Подготовките започнуваат уште од Величетврток, кога во домовите се бојадисуваат првите црвени јајца – еден од најпрепознатливите симболи на празникот. Овој обичај има длабоки корени во раното христијанство и е поврзан со воскресението како симбол на нов живот.

Поздравот „Христос воскресе – Навистина воскресе“ и денес е составен дел од празнувањето. Тој не е само традиционален поздрав, туку и израз на верата, преку кој верниците ја споделуваат радоста од воскресението.

Црвената боја на велигденските јајца има посебна симболика – таа ја претставува Христовата жртва, но и победата над смртта. Во исто време, јајцето како симбол асоцира на нов почеток и обновување на животот.

Според христијанското учење, на Величетврток Исус Христос ја востановил светата тајна причест, користејќи леб и вино како симбол на своето тело и крв. Овој чин се смета за основа на христијанската вера и спасение, а неговата симболика е тесно поврзана со велигденските обичаи.

Во црковното предание се споменува и Марија Магдалена, која се смета за една од првите што го ширеле обичајот на подарување црвени јајца. Според преданието, таа во Рим му подарила црвено јајце на императорот Тивериј, поздравувајќи го со зборовите „Христос воскресе“, со што ја пренела пораката за воскресението.

Велигден и денес останува празник што ги обединува луѓето – време на вера, семејна топлина и надеж за нов почеток.

Тагови

Поврзани вести