Свет

Хезболах го прекина огнот, нејасно дали примирјето го опфаќа Либан

Исламистичката група Хезболах утрово го прекина огнот кон северен Израел и израелските сили во Либан, јавуваат извори блиски до организацијата, повикувајќи се на договореното примирје меѓу САД и Иран.

Пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф, кој учествува во посредувањето, изјави дека двонеделното примирје треба да ја опфати и ситуацијата во Либан, каде на почетокот на март повторно ескалираа судирите меѓу Хезболах и Израел.

Сепак, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху посочи дека договорот не се однесува на Либан. Во меѓувреме, израелските власти издадоа нова наредба за евакуација во јужен дел од земјата, што укажува на можни нови воени активности.

Се очекува Хезболах да излезе со официјален став за примирјето и за различните толкувања околу неговиот опфат.

Според достапните податоци, во досегашните напади во Либан загинале над 1.500 лица, меѓу кои и деца и жени, додека повеќе од 1,2 милиони луѓе се раселени. Либанската армија апелираше населението да го одложи враќањето во погодените подрачја поради тековните ризици, вклучително и неексплодирана муниција.

Тагови

Поврзани вести