Свет
Ново технолошко достигнување: Кина пренесе податоци со 120 Gbps преку ласер од вселената до Земјата

Кинески истражувачи успеаја да постигнат брзина од 120 Gbps во ласерската комуникација меѓу сателит и Земјата, со што ја удвоија досегашната стапка на пренос – и тоа без никакви физички интервенции на самиот сателит.
Експериментот го спроведе Институтот за иновации во воздухопловно-вселенските информации (AIR), кој во реални услови демонстрираше значително унапредување на системот за пренос на податоци од орбита. Со ова достигнување е поставен нов репер во областа на брзинската вселенска комуникација.
Тестирањето било изведено со специјално развиена ласерска земјена станица со отвор од 500 милиметри, лоцирана на Памирското плато во покраината Синџијанг. Таа директно воспоставувала врска со сателитот AIRSAT-02 и овозможила стабилен пренос со исклучително високи брзини.
Она што го прави овој успех уште повпечатлив е фактот дека на сателитот не била направена никаква хардверска измена. Тимот инженери, преку софтверска оптимизација на системите во орбитата, успеал да го зголеми капацитетот за пренос од 60 на 120 Gbps, практично удвојувајќи ја пропусната моќ.
Според резултатите од тестовите, врската меѓу сателитот и земјената станица се воспоставувала за само неколку секунди, со успешност поголема од 93%. Најдолгата непрекината комуникација траела 108 секунди, во кои биле пренесени околу 12,6 терабити податоци, односно приближно 1,5 терабајти.
Главниот технички раководител го опишал напредокот со сликовита споредба: ако брзината од 10 Gbps во 2023 година била како тесен пат со еднонасочен сообраќај, тогаш денешните 120 Gbps се како модерен автопат со повеќе ленти, што овозможува истовремено и ефикасно управување со огромни количини податоци.
Овој успех се смета за значаен чекор кон идните сателитски мрежи и побрз пренос на податоци од вселената, со потенцијални примени во далечинско набљудување, научни мисии и глобални комуникациски системи.



