Свет

Новиот ЕУ систем за контрола донесе почетни проблеми и чекања

Новиот систем за влез и излез (ЕЕС) на Европската унија е целосно ставен во функција од петокот, со што започна транзицијата кон дигитализиран начин на гранична контрола, наместо досегашното печатирање во пасошите.

Во првите денови од примената се забележани подолги задржувања и одредени технички потешкотии, особено на аеродромите. Патници сведочат дека при првата регистрација чекале и до неколку часа, а во поединечни случаи имало и пропуштени летови. Сепак, надлежните посочуваат дека станува збор за почетна фаза и дека системот постепено се стабилизира.

Искуствата покажуваат дека најмногу време се губи при првото внесување во системот, додека понатамошните проверки се одвиваат значително побрзо.

На копнените гранични премини состојбата е поразлична. Македонските граѓани кои се враќаа од Грција за време на продолжениот празничен викенд пријавија поголеми колони на грчка страна, додека на македонската страна немало посериозни задржувања. Во моментов, сообраќајот на граничниот премин Богородица се одвива без значителни чекања.

ЕЕС-системот предвидува дигитално евидентирање на патниците при влез и излез од Европската унија, при што се собираат биометриски податоци како фотографија и отпечатоци од прсти. Намерата е да се подобри контролата и да се следи престојот според правилото од 90 дена во период од 180 дена.

Иако Европската комисија оценува дека процесот трае релативно кратко по патник, во пракса првичната примена покажува дека се јавуваат застои поради недостиг на персонал, технички проблеми и сложеноста на самата процедура.

Системот се применува за сите државјани од земји што не се членки на ЕУ, вклучително и земјите од Западен Балкан, како и други европски и светски држави.

За професионалните возачи на камиони и автобуси, примената на ЕЕС е одложена до септември, со цел да се избегнат дополнителни проблеми во транспортот и логистиката.

Иако воведувањето на системот носи предизвици, надлежните оценуваат дека станува збор за привремени потешкотии и дека со тек на време контролите ќе станат побрзи и поефикасни.

Тагови

Поврзани вести