Живот
Франција ќе ја менува инфраструктурата за да може да се возат повеќе велосипеди
Франција планира да почне национален проект за трикратно зголемување на бројот на велосипедисти по улиците во наредните неколку години. Акцијата ќе вклучи и правење подобри велосипедски патеки, субвенции за луѓето да се префрлат од автомобили на велосипеди и за намалување на кражбите на велосипеди. Планот го најави францускиот премиер, Едуар Филип и истакна дека сега велосипедите изнесуваат само 3% од транспортот во земјата,
И покрај тоа што е домаќин на светскит познатиот натпревар Tour de France, Франција заостанува зад другите земји од ЕУ во поглед на бројот на велосипеди кои се користат. Во Холандија, на пример, велосипедите заземаат речиси една третина од вкупниот транспорт, има силна велосипедска култура, како и организирани патеки за Холанѓаните да се чувствуваат безбедни додека возат. „Педесет милиони евра годишно нема да ја претворат Франција во Холандија, но доволно е за почеток“ велат од Француската асоцијација на корисници на велосиепди, пренесува Inhabitat.
Вкупниот фонд на Франција за велосипедска инфраструктура во наредните седум години ќе изнесува 350 милиони евра. „Планираме трикратно да го зголемиме бројот на велосипеди на 9% до 2024 година, кога ќе бидеме домаќини на Олимписките игри. Испрекинатоста на велосипедските патеки создава несогурност и ги одвраќа луѓето од возењето велосипед“ вели премиерот Филип.
Моментално велосипедски патеки во Франција има само на кратки релации и не се безбедно поврзани едни со други на големите крстосници или зоните со погуст сообраќај. Освен што ќе се средат некомплтираните велосипедски патеки, владата планира да ги реструктурира еднонасочните улици и да вклучи двонасочни велосипедски патеки. Тие што ќе се префрлат од автомобили на велосипеди годишно ќе добиваат 200 евра од владата, без да мора за нив да плаќаат данок, а многу приватни компании таа сума ќе ја дуплираат и на велосипедистите ќе им даваат по 400 евра годишно.
Понатаму, компаниите ќе мора да направат паркинг зони за велосипеди за вработените. За да се одвратат крадците од велосипедите новите велосипеди ќе имаат посебен изгравиран систем за идентификација, па крадците полесно ќе бидат фатени и казнети. Француската влада ќе вклучи и часови по возење велосипед во сите средни училишта до 2022 година за да се осигура дека идните генерации ќе ја прифатат таа кулура и ќе се грижат за здрава животна средина.