Македонија

Десет проценти од видовите диви пчели во Европа се загрозени од исчезнување

Во пресрет на 20 мај, кога светот го одбележа Денот на пчелите, екологистите вложија напори преку соопштенија во медиумите и Пи-Ар кампањи да го привлечат вниманието на јавноста на значењето на овие инсекти.

Супермаркет во Хановер се обиде да покаже колку се значајни пчелите. Продавницата од своите рафтови ги повлече производите кои не би постоеле без запрашувањето со помош на пчелите. На тој начин ги снема јаболката, кафето, чоколадата, сокот од портокал или исчезнаа речиси 60 проценти од производите.

Ако ги следите социјалните медиуми ќе прочитате дека по неколку години поради угинувањето на пчелите ќе останеме без прехранбени продукти. Меѓутоа, треба внимателно да се разгледаат овие тврдења.

Неспорно запрашувањето на растенијата е важно за луѓето и животната средина. Според експертите благодарение на запрашувањето опстојуваат приближно 70 проценти од околу 150-те најважни растенија што ги користат луѓето.

Меѓутоа, акцијата во супермаркетот во Хановер не претставуваше приказ на реалната состојба.

Имено пчелите не се единствените инсекти кои помагаат при запрашувањето. Тоа го прават и мувите, осите, бумбарите, пеперутките, молците…, бидејќи сите тие пренесуваат полен од цвет на цвет. Покрај ова важно е да се напомене и дека не се сите пчели загрозени од исчезнување.

При дебатите се нагласува дека угинуваат медоносните пчели. Таквото тврдење е умен чекор, бидејќи сите ги знаат овие мали инсекти и се подготвени да учествуваат во нивното спасување.

– Спасете ја пчеличката Маја, така Светскиот фонд за дивата природа ја нарече својата неодамнешна кампања.

Но, проблем во сето ова е што медоносните пчели всушност воопшто не се загрозени од исчезнување.

Медоносни пчели ќе има се додека ги одгледуваат луѓето

За пчелните кошници се грижат луѓето, а медоносните пчели се полезни инсекти. Кога има многу луѓе кои сакаат да се занимаваат со пчеларство и кога тоа е доходовно, бројот на пчелните семејства се зголемува. Кога пак интересот и заработката се намалуваат, се намалува и бројот на пчелите.

Статиститката исто така покажува дека медоносните пчели не исчезнуваат. Според податоци на Организацијата за храна и земјоделство (ФАО) на ОН, бројот на пчелните кошници во светот двојно се зголемил од 60-тите години на минатиот век, па до сега. Бројот на пчели во Германија во истиот период е значително намален, но во последните неколку години веќе има тенденција на зголемување на нивниот број.

Освен желбата на луѓето да се занимаваат со пчеларство, врз бројот на медоносните пчели влијание имаат и надворешни фактори. Во текот на зимата на пример грината вароа, чија големина е едвај 1,7 милиметри уништи голем број пчелни семејства. За пчеларите тоа беше тежок удар, но популацијата на медоносните пчели не е сериозно загрозена и пчелните семејства одново можат да се размножуваат.

–  Медоносната пчела ќе биде последниот инсект што ќе угине, вели раководителот на Катедрата за пчеларство при Универзитетот „Хохенхајм“, Петер Розенкранц. – Додека има пчелари, пчелите не се загрозени, прецизира експертот.

Загрозени се дивите пчели, но за нив знаат само малкумина

Непознавањето на состојбите во заден план го потиснува вистинскиот проблем. Имено загрозени се многу видови диви пчели. Повеќето од диви пчели живеат сами, а не во пчелни семејства и само малку луѓе знаат за нив. Сепак и тие се важни во процесот на запрашување.

Според Меѓународната унија за заштита на природата (ИУЦН) околу десет проценти од видовите диви пчели во Европа се загрозени од исчезнување.

Важно е да се напомене дека бројот на инсектите во целина се намалува. Точниот обем на проблемот со угинувањето на инсектите е непознат од причина што само во одделни случаи има податоци за бројноста на угинати инсекти во подолг период.

За причините за ваквата тенденција исто така нема единствено мислење. Научниците прифаќаат дека влијание врз исчезнувањето на инсектите имаат големите површини со монокултури во земјоделството, како и уништувањето на природата заради ширењето на градовите.

Екологистите често како причина за намалувањето на бројот на инсектите посочуваат одделни пестициди. Овие препарати се користат за уништување на штетните растенија, а не на инсектите и се употребуваат во борбата против плевелот. Сепак, потврдено е дека три елементи од групата на неоникотиноиди можат да бидат штетни за пчелите. Поради тоа ЕУ неодамна забрани нивна употреба на отворени површини.

Освен политичарите со нивните мерки, обичните луѓе исто така можат да им го олеснат животот на пчелите доколку не применуваат строги норми во градинарството. Така, една ливада полна со цвеќиња е многу покорисна за пчелите отколку површина под англиска трева, бидејќи цвеќињата им обезбедуваат на пчелите доволно полен во периодот од пролет до есен. На дивите пчели пак им се потребни пукнатини во ѕидовите или дупки во земјата за да можат да си направат гнезда./МИА

Тагови

Поврзани вести