Економија
За првпат негативни цени на струјата на српската берза
На 5 мај на српската берза за електрична енергија SEEPEX за првпат ќе се појават негативни цени на струјата во одредени часови, кога производството од соларни извори ја надминува потрошувачката.
Овој феномен не е нов за европските пазари и најчесто се јавува кога системот нема доволна флексибилност или капацитети за складирање енергија, па вишокот електрична енергија ја намалува цената дури и под нула.
Директорот на SEEPEX, Милош Младеновиќ, посочи дека воведувањето на негативни цени во Србија е очекуван чекор и дел од усогласувањето со европските пазарни правила, што е важно за идното поврзување со пазарите на ЕУ.
Тој нагласи дека ваквите појави веќе се забележуваат – само во првиот квартал имало десетици часови со нулти цени, што е значително повеќе од претходната година.
Според него, и покрај можната стабилизација, трендот на вакви ценовни осцилации ќе продолжи и во текот на годината, особено поради растот на обновливите извори и новите регулативи како механизмот CBAM.


