Македонија
Пратениците дебатираат за укинување на техничката влада

На 98-та пленарна седница на Собранието на Република Македонија, пратениците разгледуваат пакет законски измени, меѓу кои и предлогот за укинување на техничката влада, како и измените на Законот за пратениците со кои се предвидува тие да поседуваат само едно државјанство.
Во своето образложение, заменик-министерот за јавна администрација Лазе Јаќимоски потсети дека техничката влада била воведена како привремена мерка во време на политичка криза, со цел да се обезбеди поширок политички консензус за организирање избори. Овој модел произлегол од договорите постигнати во 2015 година и за првпат бил применет на парламентарните избори во 2016 година.
Тој нагласи дека предложените измени предвидуваат постепена, односно одложена примена, со цел да се гарантира институционална стабилност и правна сигурност. Според него, новото решение треба да придонесе за поефикасно управување со јавните средства, зајакнување на институционалниот капацитет и поголем демократски легитимитет на извршната власт.
Според предлогот, техничката влада ќе продолжи да функционира до објавување на конечните резултати од следните парламентарни избори по стапувањето на законот во сила, по што би се создале услови за нејзино укинување.
Јаќимоски истакна дека со овие измени се воспоставува појасна и постабилна правна рамка за организирање фер и транспарентни избори, во согласност со уставниот поредок.
Покрај ова, на дневен ред се и измени на повеќе закони – за минерални суровини, концесии и јавно-приватно партнерство, јавни претпријатија и внатрешна пловидба, кои се разгледуваат по скратена постапка.



