Забава
Поголем награден фонд за СП 2026 – ФИФА во преговори за дополнително зголемување

Светската фудбалска федерација, ФИФА, е во тековни преговори со националните асоцијации за дополнително зголемување на наградниот фонд за Светско првенство во фудбал 2026, пренесува Ројтерс. Одлуката треба да биде разгледана на состанокот на Советот на ФИФА, кој се одржува во пресрет на 76. Конгрес во Ванкувер.
Уште во декември, ФИФА најави дека наградниот фонд за мундијалот во 2026 година ќе биде зголемен за околу 50 проценти во однос на претходното издание, достигнувајќи 655 милиони долари. Ова следува по обезбедени рекордни 727 милиони долари финансиски средства за организацијата на турнирот.
Сепак, според најновите информации, организацијата планира дополнително зголемување на фондот. Очекувањата се дека ФИФА ќе оствари повеќе од 11 милијарди долари приходи во периодот од 2023 до 2026 година, што отвора простор за поголеми финансиски придобивки за сите учесници.
„Во тек се разговори со асоцијациите ширум светот за зголемување на расположливите средства. Тоа вклучува повисоки финансиски придонеси за сите квалификувани селекции, како и зголемено финансирање за развојните програми достапни за сите 211 членки“, соопштија од ФИФА. Од таму додаваат дека претстојното Светско првенство ќе има значително влијание врз глобалниот фудбал, особено преку програмата „ФИФА Форвард“.
Според првичниот план, најголемиот дел од фондот – 655 милиони долари – е наменет за исплати врз основа на резултатите на 48-те репрезентации учеснички. Победникот на турнирот треба да добие 50 милиони долари, финалистот 33 милиони, додека селекциите што ќе испаднат во групната фаза би инкасирале по девет милиони долари.
Дополнително, секоја репрезентација ќе добие по 1,5 милион долари за покривање на трошоците за подготовка, со можност овие суми да бидат зголемени доколку новиот предлог биде усвоен.



