Едукација
Вештачка интелигенција „оживеа“ жртва од Помпеја

Археолозите во Помпеја направија значаен чекор во истражувањето на античкиот град, користејќи вештачка интелигенција за реконструкција на изгледот на една од жртвите од катастрофалната ерупција на Везув пред речиси 2.000 години.
Новата дигитална визуелизација прикажува човек кој се обидува да се заштити од вулканскиот дожд, држејќи предмет над главата, додека зад него се одвива ерупцијата. Реконструкцијата е направена врз основа на неодамна откриени остатоци од возрасен маж, пронајдени во близина на јужниот влез на градот.
Покрај телото биле најдени и предмети како ламба и десет бронзени монети, што укажува дека човекот се обидувал да избега кон морето во моментот кога бил затекнат од ерупцијата. Според проценките, загинал од силен дожд од вулкански карпи во раните часови од вториот ден од катастрофата.
Директорот на археолошкиот парк, Габриел Цухтригел, истакна дека ова е прв ваков обид за научна реконструкција со помош на вештачка интелигенција, реализиран во соработка со Универзитетот во Падова. Според него, ваквите технологии ќе станат клучни за подобро разбирање и презентирање на културното наследство.
Некогашниот просперитетен град Помпеја, лоциран во близина на Неапол, бил уништен во 79 година од нашата ера и останал зачуван под слоеви пепел. Денес претставува еден од најзначајните археолошки локалитети во светот и привлекува милиони посетители годишно.



