Македонија
O2 Иницијатива:Нема ни гасовод, ни шума, остана само горкото чувство на прелажаните граѓани
Нема гасовод, ни шума, остана само горкото чувство на прелажаните граѓани. Ова е констатацијата на 02 Иницијатива од каде сметаат дека Водно е на прагот да падне како колатерална штета на политичките игри и манипулации.
Повикувајќи се на фактите кои ги документираат со фотографии, од 02 Иницијатива информираат дека дел од Парк-шумата Водно, патеката која води до напуштените бункери и која порано беше еден од најубавите делови, денес е градилиште – сведок на болните желби што побрзо уништување и сечење без размислување.
Два пати мери еднаш сечи кај нас не важи. Брзаа што побргу да ја покажат решеноста дека гасоводната траса, кракот до западниот дел на Македонија (и према Косово) – еколошкиот проект кој ќе нè спасеше од загадувањето мора што побргу да се реализира и тоа мора да биде токму низ Водно. Иако постоеја и други опции, кои водеа покрај обиколницата, на полесниот терен и брз и пристапен пат во непосредна близина, надлежните си се разбраа дека оваа опција им е поевтина и побрза – низ државно земјиште и петдецениска шума – парче од белите дробови на Скопје. Затоа што здравјето на граѓаните нели нема цена, велат од 02.
Активистите на 02 посочуваат дека две години потоа и покрај сите укажувања за можни проблеми кај големиот наклон кај Шишево како и немање компаративна анализа за предностите токму на оваа траса, денес ги имаме изјавите на директорот на МЕР (сега НЕР) кој по 2 цели години ги открива „непредвидените“ ситуации, кои граѓанските активисти со години му ги цртаа.
Се појавија две непредвидени ситуации, на двете страни на Водно, кои ги оневозможија техничките услови за хидротест. Од страната кај село Сопиште целото село застана пред барањето да се направи измена кај гробиштата (имаше петиција од над 1.000 потпишани граѓани) и бевме принудени на измена. На другата страна, кај село Шишево, заради намалување на работниот појас, се појави нужна потреба од усвојување на нова методологија за заварување и спуштање на цевките во услови на екстремни наклони, на намален работен појас на 10 метри, неодамна изјави директорот на НЕР, Бајрам Реџепи.
Од 02 Иницијатива потсетуваат на ветувањата дека за 3 месеци ќе биде готово, ниската вегетација ќе го покрие ископот и ништо нема да се познава.
Она што денес го имаме на терен само на еден дел од т.н. гасоводна траса е градилиште во срце на Парк-шумата Водно, доказ на „искрените заложби” на сите Влади досега во изминативе години за зачувување на природните убавини на нашата земја. Доказ дека кога мислат на зеленило веројатно мислат само на бојата на банкнотите, нагласија од 02.