Македонија
Апел за внимателно возење за 1 Мај и продолжениот викенд

Во пресрет на празникот 1 Мај и продолжениот викенд, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата упати апел до граѓаните за внимателно и одговорно учество во сообраќајот.
Од Советот информираат дека во вакви периоди се очекува зголемен интензитет на сообраќај, бидејќи многумина патуваат кон туристички локации, излетнички дестинации или во посета на блиски лица. Според нивните податоци, празничните денови често се поврзуваат со поголем број сообраќајни незгоди, неретко со сериозни последици.
Надлежните предупредуваат дека невниманието и непрописното однесување на патиштата можат да доведат до тешки исходи, поради што повикуваат на поголема свесност и лична одговорност кај сите учесници.
Посебен акцент се става на почитување на основните правила – задолжително користење сигурносен појас, избегнување користење мобилен телефон зад волан, прилагодување на брзината и избегнување управување возило под дејство на алкохол.
Воедно, се препорачува патувањата да се планираат однапред и да се прават редовни паузи, со цел да се намали заморот и ризикот од несреќи.
Од Советот порачуваат дека само со одговорно однесување може да се обезбеди празничниот период да помине безбедно за сите.



