Македонија

Со нов национален план ќе се спасува загрозената охридска јагула

По децении во кои хидроцентралите на Црн Дрим го попречуваат природниот пат на јагулата од Охридското Езеро кон морето, Македонија усвои прв Национален план за управување со овој критично загрозен вид. Предвиден е организиран транспорт на јагулите за да можат да го продолжат своето илјадници километри долго патување до Саргасовото Море. Европската јагула (Anguilla anguilla) има еден од најнеобичните животни циклуси во природата. Се размножува во Саргасовото Море, во Атлантскиот Океан, а нејзиниот подмладок пристигнува во европските реки и езера. Кога ќе достигне зрелост, повторно тргнува кон океанот за да се размножува.

Но за јагулите од Охридското Езеро, тој природен пат со децении претставува сериозен проблем. Браните и турбините на хидроцентралите по течението на Црн Дрим ја попречуваат нивната миграција и создаваат опасност за возрасните единки.

Предвиден транспорт на 40 проценти од годишната квота

Според новиот план, предвидено е 40 проценти од утврдената годишна квота за лов на јагула во традиционалната рибарска замка „Далјан“ кај Струга да бидат пренесени кон морската средина, за да го избегнат опасното минување низ хидроцентралите.

Планот предвидува и мерки за враќање млади јагули во Охридското Езеро, со стручна поддршка од Хидробиолошкиот институт во Охрид.

Директорката на институтот, Орхидеја Тасеска, предупредува дека треба да се избегнува неконтролирано набавување подмладок со непознато потекло и здравствен статус.

Ќе биде ли планот доволен?

Иако новите мерки претставуваат обид да се намалат последиците од прекинатата миграција, тие не ја отстрануваат основната пречка – хидроенергетската инфраструктура на Црн Дрим.

Дополнително, останува да се види колку јагули навистина ќе бидат транспортирани, каде ќе се ослободуваат, колкава ќе биде нивната стапка на преживување и дали ќе постои редовен научен мониторинг.

Европската јагула е критично загрозена на глобално ниво, а нејзиното зачувување бара долгорочни мерки и меѓународна соработка.

Вистинскиот успех на националниот план нема да се мери со неговото усвојување, туку со бројот на јагули што безбедно ќе го продолжат природниот пат од Охридското Езеро кон Атлантскиот Океан.

Тагови

Поврзани вести