Македонија
Мече од 70 килограми спасено од нелегална замка во Велешко

Младо мече, старо околу три години и тешко приближно 70 килограми, е спасено откако се заплеткало во нелегално поставена метална сајла во месноста Чеплес, во Велешко. Животното било ослободено по координирана интервенција на повеќе служби и вратено во природното живеалиште.
Мечето било пронајдено на околу километар и половина од Рибник Нежилово. Случајот најпрво го пријавило Ловечкото друштво „Руен“ од Велес, а информацијата преку Македонското еколошко друштво стигнала до Државниот инспекторат за животна средина.
Во акцијата на 18 октомври учествувале државни инспектори, полициски службеници, ловџии и ветеринар од Зоолошката градина во Скопје.
Животното било успиено за безбедно отстранување на металната примка. По ветеринарниот преглед било утврдено дека станува збор за машко мече без видливи повреди од сајлата, по што било пуштено назад во природата.
Нелегалните замки се опасност за дивите животни
Металните примки претставуваат сериозна закана за дивиот свет бидејќи не прават разлика меѓу животните што можат да бидат цел на криволов и останатите видови што случајно ќе се фатат во нив.
Заробените животни можат да претрпат тешки повреди, исцрпеност, а во одредени случаи и да угинат пред да бидат пронајдени.
За случајот во Велешко е известен јавен обвинител, а полицијата ја одзела нелегалната примка за понатамошно вештачење и утврдување на одговорноста.
Успешното спасување на мечето го отвора и прашањето колку вакви нелегални замки остануваат неоткриени во македонските шуми и колку диви животни страдаат без случаите воопшто да бидат регистрирани.



