Енергетика
Ниските водостои во Европа засега не го загрозуваат производството на струја во Македонија
И покрај ниските водостои што се бележат во делови од Европа, во Македонија во моментов нема ризик за сигурноста на домашното производство на електрична енергија, уверуваат од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
Од Министерството информираат дека континуирано ја следат состојбата во регионот и домашните хидролошки показатели, заедно со АД ЕСМ, АД МЕПСО и останатите надлежни институции. Се следат нивото на акумулациите, расположливите резерви и временските прогнози, со цел навремено да се реагира доколку дојде до промена на условите.
Според актуелните податоци, акумулациите се исполнети околу 70 проценти, што овозможува стабилно управување со хидропотенцијалот и реализација на планираното производство на електрична енергија. Од Министерството посочуваат дека домашните акумулации се користат согласно оперативните планови, а хидроелектраните, покрај производството, обезбедуваат и системски услуги неопходни за стабилноста на електроенергетската мрежа.
Податоците за домашното производство се охрабрувачки. Според Државниот завод за статистика, во мај годинава во земјава се произведени 462.653 мегават-часови електрична енергија, со што се покриени 96,5 проценти од домашната потрошувачка. Воедно, според податоците на АД ЕСМ, производството од хидроелектраните е зголемено за 76 проценти во споредба со истиот период лани, додека производството од ветерните електрани е повисоко за околу 10 проценти.
Од Министерството оценуваат дека овие резултати се должат на постепената диверзификација на производните капацитети, внимателното управување со акумулациите и подобреното планирање, што придонесува за поголема отпорност на енергетскиот систем во услови на климатски промени.
Паралелно продолжуваат инвестициите во нови капацитети за производство на електрична енергија од обновливи извори, модернизација на електроенергетската инфраструктура и развој на батериски системи за складирање на енергија. Во тек е изградбата на втората фаза од ветерниот парк „Богданци“, со што неговиот инсталиран капацитет ќе достигне 50 мегавати, а започнува и реализацијата на фотонапонските електрани „Битола 1“ и „Осломеј 2“, додека подготовките за „Битола 2“ и „Битола 3“ се во напредна фаза.
Во делот на регионалната енергетска поврзаност, Министерството посочува дека интензивно се реализира гасниот интерконектор со Грција, а се подготвува и проектот за интерконектор со Србија. Дополнително, Македонија доби покана за приклучување кон Вертикалниот гасен коридор, европска иницијатива што треба да овозможи поголема диверзификација на снабдувањето со природен гас и повисока енергетска сигурност во регионот.
Од Министерството нагласуваат дека искуствата од последните глобални енергетски кризи покажале оти домашното производство, обновливите извори и регионалната поврзаност се клучни за енергетската независност и отпорност на државата.
Поради тоа, Министерството најавува дека ќе продолжи со инвестиции во нови производни капацитети, модернизација на инфраструктурата, развој на системи за складирање на енергија и подобрување на механизмите за управување со ризици, а состојбата со водостоите и енергетскиот систем ќе продолжи внимателно да се следи.



