ЕКО бизнис
Николоски на средба со претставници на „Корендон“: Постои потенцијал за нови инвестиции и развој на авиосообраќајот и туризмот

Македонија има голем потенцијал за развој на авиосообраќајот и туризмот и тоа го докажуваме во континуитет. 28 нови дестинации, растот од 40 проценти во авиосообраќајот, преку 20 проценти раст на туристите е јасен показател дека интересот за Македонија расте. Нашата цел е овој тренд да го претвориме во нови авиолинии, повеќе туристи и нови инвестиции и отворени сме за соработка, рече денеска вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на работната средба со претставниците на меѓународната туристичка групација „Корендон“.
На средбата, како што информира Кабинетот на Николоски, беа потенцирани можностите за остварување соработка во областа на авиосообраќајот и туризмот.
Министерот го истакна огромниот потенцијал на Македонија како туристичка и авио дестинација, особено, како што рече, во услови на континуиран раст на воздушниот сообраќај и зголемен прилив на странски туристи.
-Македонија се позиционира меѓу најбрзорастечките пазари во Европа со раст од 40 проценти на патници во доаѓање во авиосообраќајот, како и значителен раст и на бројот на туристи, што дополнително го потврдува потенцијалот за развој на нови авиолинии, туристички аранжмани и инвестиции во туристичката инфраструктура, нагласи Николоски.
На средбата беше посочено дека подобрата авио поврзаност и отворањето нови пазари и услуги, се од особено значење за континуираниот развој на туризмот и бројот на нови туристи во земјата. Беше заклучено дека постои простор за идна соработка, особено преку отворање нови можности во авиосообраќајот, привлекување странски туристи и разгледување потенцијални инвестиции во Македонија.
„Корендон“ е истакната меѓународна туристичка групација и една од трите водечки туроператори во Холандија и Белгија. Групацијата нуди пакет-патувања до повеќе од 50 дестинации. Покрај тур-операторските услуги, во своето портфолио располага со повеќе од 40 авиони кои летаат под знамињата на Турција, Холандија и Малта. Во сегментот на тур-операторските услуги опслужува приближно 850.000 клиенти годишно, додека „Корендон ерлајнс“ превезува меѓу 6 до 10 милиони патници на годишно ниво.



