Македонија

Шест години од насилното потпишувањето на т.н. “договор во Нивици” кој донесе нестабилна и несигурна иднина за Македонија

Денеска се навршуваат шест години откако тогашните министри за надворешни работи на Македонија, Никола Димитров и неговиот атински колега Никос Коѕијас, во малото место Нивици на брегот на Преспанско Езеро во Егејскиот дел на Македонија ставија параф на т.н. “спогодбата” со која се наметна „крај на безмалку тридеценискиот спор за името“ (?!).
На чинот на потпишувањето на спогодбата, покрај шефовите на дипломатиите на двете земји, присуствуваа и тогашните премиери насилно инсталираниот за оваа пригода Зоран Заев и Алексис Ципрас, посредникот во преговорите Метју Нимиц, поранешниот еврокомесар за проширување Јоханес Хан, поранешната висока претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини и други високи меѓународни претставници, како и претставници на двете земји.
Осум месеци по потпишувањето и откако беше  ратификуван во македонското собрание, со невидени притисоци и уцени врз пратеници од редовите на опозицијата за да се обезбеди двотретинско мнозинство, но и со тенко мнозинство во грчкиот парламент, договорот и официјално стапи во сила на 12 февруари 2019 година, со што Република Македонија доби географска одредница пред вековното име.
Инаку, на решението му претходеа преговори што траеја 27 години, периодично беа со позасилено темпо и почести средби, имаше и периоди кога беа во застој и прекин, но секогаш завршуваа без заемно прифатливо решение. Македонската позиција секогаш беше на линијата на „двојна формула“, односно зачувување на името Република Македонија за домашна употреба и во билатералните односи со сите земји што нѐ признале под тоа име, а сложено име во ОН со кое би се заменила референцата „ФИРОМ“ и би се задоволиле грчките барања.
На оваа позиција опстојуваа сите македонски влади и претседатели, сѐ до 2017 година кога преку суспендирање на демократијата во земјава беше погазена изборната волја на македонските граѓани и се направи малцинска влада, која ја спроведе операцијата за промена на името на државата „ерга омнес“, односно за севкупна употреба, со што беше крунисана речиси тридецениската борба на грчката дипломатија за целосно присвојување на името „Македонија“ и на македонското малцинство на нејзина територија.
Шест години потоа, освен за директните актери во промената на името, за сите други Преспанската спогодба е тежок и болен пораз за Македонија, со кој државава го загуби идентитетскиот код, а широко се отвори вратата за конструкција на нов идентитет во согласност со новото име на државата.

Овој датум ќе остане запишан со црни букви во Македонската историја како и настаните кои му претходеа за инсталирање на квислиншката влада за реализација на истиот

Тагови

Поврзани вести