Економија

Цените на недвижности во ЕУ растат, Унгарија со најголем пораст од 275%

Цените на становите и изнајмувањето продолжуваат да растат низ земјите на Европската Унија, при што разликите меѓу различните членки стануваат сè поизразени.

Пазарот на недвижности во третиот квартал од 2025 година покажал значителен пораст: вредноста на становите се зголемила за 5,5%, додека кириите бележат раст од 3,1% во споредба со истиот период претходната година.

Податоците на Eurostat покажуваат дека порастот се гледа и на квартално ниво. Според споредба со вториот квартал од 2025 година, цените на становите се зголемиле за 1,6%, а кириите за 0,9%.

Анализата на движењето на пазарот во последната деценија покажува дека од 2015 до крајот на 2025 година цените на становите во ЕУ се зголемиле во просек за 63,6%, додека кириите пораснале за 21,1%. Додека изнајмувањето покажува стабилен и постепен раст, цените на становите се движеле во бранови, со периоди на застој и периоди на забрзан пораст.

Меѓу земјите-членки, Унгарија се издвојува со најголем пораст – цените на становите таму пораснале за 275% од 2015 година, што е највисок раст во целата Унија. Покрај Унгарија, во уште 11 земји цените се зголемиле повеќе од двојно, а на врвот се Португалија, Литванија и Бугарија, каде порастот надминува 150%.

Исклучок од оваа тенденција е Финска, каде цените на недвижности се намалиле за околу 2% во последната деценија.

Кириите, пак, бележат раст во сите земји-членки. Најголем пораст е забележан во Унгарија, со 107%, а значителен раст има и во Литванија, Словенија, Полска и Ирска, каде кириите се зголемиле за над 70%.

Според Евростат, високите трошоци за домување се сè поголем структурен проблем во ЕУ, особено за младите, семејствата со пониски приходи и за жителите на поголемите градови.

Тагови

Поврзани вести