Македонија
Поднесено барање за прогласување за заштитено подрачје на Парк шумата Воднo

За оправданоста од прогласување на дел од Водно за заштитено подрачје во согласност со Законот за заштита на природата и Правилникот за содржината на студијата за валоризација и ревалоризација на заштитени подрачја, се изработи Студија за валоризација на заштитеното подрачје парк-шума „Водно“, соопшти Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП).
Студијата е изработена во рамки на проект „Подобрување со управување со заштитени пордрачја” кој е финансиран од Европската Унија, преку ИПА 2 – Секторската оперативна програма за животна средина и климатска акција 2014-2020 година, а се спроведува од страна на Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП).
– До МЖСПП предлогот за прогласување на Водно за заштитено подрачје во категоријата Заштитен предел (категоријата В – заштитен предел) е доставен од страна на Градот Скопје, (допис од 29 април годинава). Предлогот се заснова на Одлуката донесена од страна на Советот за градот Скопје на која и претходела изработката на Студијата, комуникација на експертскиот тим со засегнатите страни, анализа на плановите за развој и искористување на природните ресурси, големината на подрачјето, неговата населеност, потребите на населението и традиционалните вредности, при што е утврдено од нивна страна дека категоријата V – заштитен предел, најдобро ја отсликува специфичната интеракција на луѓето и природата на Водно и дека е во согласност со IUCN стандарди -стои во соопштението.
Во оваа фаза на постапката, како што соопшти Министерството, биле одржани и две јавни расправи во организација од УНДП, Град Скопје и експертскиот тим, при што засегнатите страни дале свои предлози и сугестии за студијата за валоризација на Водно, кои биле разгледани од експертскиот тим што ја изработи Студијата и по вклучување на аргументите и забелешките, Градот Скопје ја доставил Студијата до МЖСПП.
– Врз основа на наведената студија, согласно Законот за заштита на природата МЖСПП ја води постапката за прогласување и за таа цел изработи „Информација за потребата од прогласување на дел од Водно за заштитено подрачје во категоријата В – заштитен предел и Одлука за прифатливоста на предлогот за прогласување на дел од Водно за заштитено подрачје во категоријата В- заштитен предел”. Оваа информација е доставена на мислење до Владата и до сите релевантни институции за разгледување и усвојување – се вели во соопштението.
По донесување на Одлуката за прифатливоста на предлогот за прогласување на Водно за заштитено подрачје во категоријата В- заштитен предел од страна на Владата, од МЖСПП информираат дека ќе следува јавна расправа по предлог-актот за прогласување на која ќе бидат поканети сите засегнати страни. Актот ќе биде поставен и на ЕНЕР за коментирање. По јавната расправа, МЖСПП ќе го изготви конечниот акт за прогласување на Водно со вградени аргументирани предлози и сугестии од засегнатите страни.
– Потоа МЖСПП ќе го достави Актот за прогласување на Водно до Владата на разгледување и усвојување. Со оглед што Студијата на Град Скопје предлага степен на заштита во категоријата В – заштитен предел, за неа не е потребно донесување на закон за прогласување, туку само одлука на Владата, по предлог на Министерството. Студија за валоризација на заштитеното подрачје парк-шума Водно е објавена на веб страницата на МЖСПП на следниов линк – додаваат од Министерството.