Економија

ММФ: Потрошувачките цени годинава ќе се зголемат за 4 отсто

Како ќе се движат цените на храната во иднина?Македонската економија годинава ќе забележи раст од 2,7 отсто, прогнозира Меѓународниот монетарен фонд во најновиот Светски економски преглед. За наредната година се предвидува раст на БДП од 3,7 отсто, а во 2026 година 3,5 отсто.

Што се однесува до инфлацијата, како што се наведува во извештајот на ММФ, потрошувачките цени годинава ќе се зголемат за 4 отсто, а во наредните две години ќе дојде до нивно натамошно намалување, прво на 2,5 отсто во 2025 година, а потоа на два отсто. Минатата година растот на БДП беше скромен, само еден отсто, а инфлацијата изнесуваше 9,4 отсто. Македонија споредбено со регионот бележи најнизок раст, со висок буџетски дефицит и значителен јавен долг. Следејќи го извештајот на Светската банка, ММФ исто така изрази загриженост за економијата на Македонија. Дефицитот, според ММФ, во државната каса преминал 5 отсто, додека обврските за изградба на автопатишта и зголемените плати на административците создаваат дополнителен притисок врз буџетот.
Се наметнуваат прашањата дали навистина може да очекуваме намалување на потрошувачките цени, но и од што ќе зависат цените на прехранбените производи. Имаме стабилизација на инфлацијата во моментов, но која е финалната цел за да можеме да утврдиме стабилизација на состојбата?
Претседателот на Собранието на Организацијата на работодавци на Македонија, Ангел Димитров, вели дека суштината е дека не станува збор за никакво намалување на цените, туку за забавување на нивниот раст. Ако за 2024 се предвидува раст од 4 отсто, а во 2025 на 2,5 отсто, значи дека тие пак ќе растат, ама со помал интензитет.
– Факт е дека врз растот на цените влијаат како надворешни така и внатрешни фактори. Македонија има мала економија и нормално е да биде земја што ќе биде отворена како за извоз така и за увоз на голем број производи. Овие два фактора се однесуваат и на растот на цените на прехранбените продукти. На растот на светските т.е. берзанските цени на основните прехранбени продукти влијаат и климатските промени и развојот на агротехничките мерки, но и случувањата во енергетскиот сектор – објаснува Димитров.

Тој додава дека кај нас специфично е дека младите го напуштаат овој сектор и дека интересот за работа во овој сектор постојано се намалува. Од друга страна, посочува Димитров, имаме раситнети парцели, кои не овозможуваат примена на современи машини со голема продуктивност и така ја губиме битката со производители од поразвиени земји, кои имаат повисоки приноси и поголема продуктивност, споменувајќи дека не случајно увезуваме артикли што некогаш масовно сме ги произведувале и сме ги задоволувале домашните потреби.
– Другиот аспект на оваа приказна е значењето на земјоделското производство за стабилноста на земјата и сигурното снабдување на овие толку важни артикли и во услови на војни или други вонредни ситуации – вели Димитров.
Што се однесува на идната инфлација, според него, покрај факторите на производство, таа зависи и од монетарната и фискалната политика што ја водат земјите и нивните сојузи.
– Факт е дека во речиси сите држави политичарите лесно се одлучуваат за емисија на пари без покритие за да постигнат некои краткорочни цели. На среден и долг рок пазарот ја исправа оваа нерамномерност со тоа што растат цените на речиси сите артикли. Македонија нема своја целосно независна монетарна политика и поради поврзаноста на нашиот курс со курсот на еврото ние де факто ја преземаме монетарната политика што ја води Европската централна банка. Во ваков случај, кога дома имаме повисока потрошувачка отколку производство на стоки и услуги, имаме среќа што Европејците исто така трошат повеќе отколку што произведуваат, во спротивно би доживеале голем притисок врз курсот на денарот – укажува Димитров.

Пренесува Нова Македонја

Тагови

Поврзани вести