Економија
Земјоделското земјиште во ЕУ станува сè поскапо: хектарот во просек над 15.000 евра, растат и кириите

Цените на земјоделското земјиште во Европската Унија продолжуваат да растат, а просечната вредност на еден хектар веќе надминува 15.000 евра. Истовремено, се зголемуваат и трошоците за изнајмување на ниви и тревни површини. Според најновите податоци, просечната годишна кирија во ЕУ изнесувала 295 евра по хектар, што претставува раст од 6,4 проценти во однос на претходната година, кога изнесувала 277 евра.
Големи разлики постојат меѓу земјите-членки кога станува збор за цената на земјиштето. На врвот на листата е Малта, каде што еден хектар достигнува просек од над 200.000 евра. Веднаш зад неа се Холандија со околу 96.600 евра по хектар и Португалија, каде цената се движи над 76.000 евра.
На спротивната страна од скалата се наоѓаат неколку балтички и централноевропски држави. Најприфатливи цени се забележани во Латвија, каде што хектар обработливо земјиште чини помалку од 5.000 евра. По неа следуваат Литванија и Словачка, со просечни цени околу 5.500, односно нешто под 6.000 евра.
Според статистиката на Евростат, и Хрватска останува меѓу земјите со најниски цени во Унијата, со просек од околу 6.000 евра за хектар. Малку поскапо е во Унгарија, додека во некои соседни држави разликата е значителна – во Словенија хектарот чини над 28.000 евра, а во Австрија околу 37.600 евра.
Покрај купопродажните цени, растат и трошоците за закуп. Податоците покажуваат дека најскапа е киријата во Холандија, каде што изнајмувањето на еден хектар чини во просек 941 евро годишно. По неа следуваат Данска и Грција со значително пониски, но сè уште високи износи.
Најниски цени за закуп се забележани во Словачка, каде што земјоделците плаќаат околу 69 евра по хектар годишно. Веднаш потоа е Хрватска со просек од 76 евра, а меѓу поевтините земји се вбројува и Малта со околу 92 евра.



