Свет
Започнаа подготовките за уривање на кулата „Вјесник“, рокот е 90 дена

По тримесечна пауза, во оштетената кула „Вјесник“ во Загреб започнаа подготвителни активности за нејзино отстранување. Ова го потврди државниот секретар во Министерството за просторно планирање, градежништво и државен имот, Тончи Главиниќ, кој најави дека процесот ќе се реализира етапно.
На локацијата веќе пристигнаа багери и припадници на хрватската армија, кои во најкраток рок треба да го изнесат мебелот на хрватскиот парламент што бил складиран во објектот. Утрово во ресорното министерство се одржа координациски состанок со претставници на Град Загреб, изведувачот и стручниот надзор, на кој се разговараше за логистиката околу отстранувањето на околу 8.000 тони градежен отпад, како и за организацијата на сообраќајот во зоната околу градилиштето.
Главиниќ информираше дека во моментов се спроведуваат технички испитувања на 15-тиот кат, при што се земаат примероци од бетон и арматура. Од безбедносни причини, на тој кат се поставени и 12 потпори. Според неговите зборови, резултатите од анализите се очекуваат во наредните два до три дена.
Во меѓувреме, наскоро треба да започне и поставувањето на заштитната ограда околу градилиштето, како и доставата на градежните контејнери.
Договорот предвидува проектот да се спроведува во повеќе фази, при што изведувачот ќе одлучи колку точно ќе има. Секоја етапа ќе мора да помине строга контрола во однос на механичката стабилност, состојбата на почвата и безбедноста на околните објекти во близина на „Вјесник“.
Начинот на отстранување ќе го дефинира проектантот, а се очекува проектот за првата фаза да биде одобрен во краток рок, по што ќе следуваат конкретни одлуки за методологијата на работа. Како што истакна Главиниќ, клучни за тоа ќе бидат резултатите од тековните испитувања на конструкцијата.
Во моментов на терен работат меѓу 10 и 15 лица, а нивниот број ќе се зголемува во зависност од динамиката на проектот. Изведувачот дополнително ќе процени дали ќе биде потребно ангажирање на други компании.
Според договорот со компанијата „Еурко“, потпишан минатата недела, целосното отстранување на кулата „Вјесник“ треба да заврши во рок од 90 дена.



