Забава

Најбрзата ѕвезда се движи со 25.000 километри во секунда

Откриена најбрзата ѕвезда во Млечниот Пат:

Астрономите ја открија најбрзата ѕвезда досега забележана во Млечниот Пат, која во еден момент од својата орбита достигнува брзина од околу 25.000 километри во секунда. Ѕвездата, означена како S301, орбитира околу супермасивната црна дупка Sagittarius A* во центарот на нашата галаксија.

Откритието е резултат на работата на меѓународната научна соработка GRAVITY, а истражувањето е објавено во научното списание Nature. Набљудувањата се направени со Very Large Telescope Interferometer (VLTI) на Европската јужна опсерваторија во пустината Атакама во Чиле.

Цела орбита за само 8,7 години

Она што ја прави S301 исклучителна е нејзината тесна орбита околу Sagittarius A*. За да направи цел круг околу црната дупка ѝ се потребни само 8,7 години.

Во најблиската точка од орбитата ѕвездата се приближува до црната дупка на растојание од само околу 12 пати растојанието меѓу Земјата и Сонцето.

„Тоа е нешто што досега не сме го виделе“, истакнува Феликс Манг од Институтот „Макс Планк“ за вонземска физика во Германија, еден од авторите на истражувањето.

Брзината на S301 е тешко да се замисли во секојдневни размери. Според научниците, таа се движи приближно 1.000 пати побрзо од Земјата околу Сонцето и околу 100.000 пати побрзо од патнички авион.

При своето најголемо приближување практично ја „прелетува“ црната дупка на растојание споредливо со она меѓу Сонцето и Сатурн.

Ѕвездата како природна сонда на црната дупка

Откритието е особено значајно бидејќи S301 се приближува толку многу до Sagittarius A* што врз нејзиното движење би требало да може да се забележи влијанието од ротацијата на самата црна дупка.

Според теоријата на релативноста, ротирачки масивен објект го „влече“ и искривува простор-времето околу себе – ефект познат како влечење на референтните системи (frame-dragging).

Токму затоа S301 може да послужи како своевидна природна сонда, преку чие движење научниците ќе можат да ги проучуваат физичките процеси во непосредна близина на супермасивна црна дупка.

Нов тест за теоријата на Ајнштајн

Научниците се надеваат дека следењето на орбитата на S301 во наредната деценија ќе овозможи нешто што досега не било директно постигнато – мерење на ротацијата на Sagittarius A*.

„Со оваа ѕвезда се надеваме дека во следните десет години ќе ја измериме ротацијата на црната дупка“, изјави Стефан Гилесен од институтот „Макс Планк“, коавтор на студијата.

Доколку мерењето успее, научниците за првпат би можеле директно да ја утврдат ротацијата на една супермасивна црна дупка преку движењето на ѕвезда во нејзина непосредна близина.

Резултатите би претставувале и исклучително прецизен тест на општата теорија на релативноста на Алберт Ајнштајн во едно од најекстремните гравитациски опкружувања што можеме да ги набљудуваме во Вселената.

Тагови

Поврзани вести