Свет
Време кога луѓето нема повеќе ќе учат за војна

Исак Њутн е познат по тоа што во 17 век ги формулирал физичките закони за движење и универзална гравитација. Стивен Снобелен, директор на канадскиот „Проект Њутн“, говори за верските убедувања на англискиот научник и неговото предвидување за крајот на светот каков што го знаеме.
„Њутн верувал во Бог, и дека Библијата е Божјо откровение… Тој верувал и дека Бог не е ограничен од времето како што се луѓето, што му овозможувало да го види ‘крајот на почетокот’. Затоа, да ги употребиме зборовите на самиот Њутн – тој бил убеден дека ‘светите пророчки книги’ од Библијата не се ништо повеќе од ‘историја на идни настани’. Истовремено, библиските пророштва се напишани на многу симболичен јазик што бара вешто толкување. Њутн го прифатил овој предизвик додека се обидувал да ја открие иднината на светот преку зборовите на пророците“ – пишува Снобелен на својот блог.
За да дојде до конечниот „краен“ датум, Њутн составил едноставни равенки на хартија, а Снобелен вели оти тие пресметки се „едноставна аритметика што може да ја пресмета и дете“, врз основа на различни временски периоди. Годината до којашто стигнал е 2060.
Предвидувањето предупредува дека ќе има „војни и катаклизми“ пред 2060 година, но Снобелен додава: „За Њутн, 2060 година би била повеќе како нов почеток. Тоа би бил крај на старата и почеток на нова ера“.
Според современиот истражувач, Њутн веројатно би очекувал „Христос да дојде и да го воспостави Божјото илјадагодишно царство“ на земјата.
„Осврнувајќи се на пророкот Михеј, Њутн верувал дека ова царство ќе донесе време на мир и просперитет – време кога луѓето ‘ќе ги прековаат своите мечеви во плугови, а своите копја во српови’ и кога народите нема да креваат меч против народ, ниту повеќе ќе учат за војна“, објасни Снобелен.
До „судниот ден“ на Њутн има само 34 години. (МИА)



