Вода

Kризниот штаб наздрави со чаша вода за да докаже дека водата во Гостивар е безбедна за пиење

Од денеска водата во градскиот водовод во Гостивар е безбедна за пиење – соопшти на прес-конференција директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов, шеф на Главниот штаб за управување со кризи.

Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Оливер Миланов изјави дека препораката за дозволено пиење на водата доаѓа по добиените задоволитни резултати од лабораториските испитувања од страна на Институтот за јавно здравје и лабораторијата на ЈП Водовод и канализација Скопје на примероците од вода за пиење земени од седум мерни места во понеделник наутро и навечер, како и во вторник наутро.

– Агенцијата за храна и ветеринарство ги известува жителите на Гостивар дека од денеска (14 август 2026 година) водата може да се користи за пиење. Водата миркробиолошки беше исправна уште минатата недела, но при извршените испитувања беше утврдено зголемено присуство на резидуален хлор над границите предвидени со правилникот за барањата за квалитетот на вода за пиење од 0,2 до 0, 5 милиграми на литар – рече Миланов.

Објасни дека зголеменото присуство на хлор било резултат на зголемената дезинфекција на водата за пиење и затоа биле потребни допонителни мерки и да се почека за препораката за пиење на водата. Исто така дека во испитувањата на водата биле вклучени комуналното претпријатие во Гостивар и Центарот за јавно здравје во Тетово заедно со ИЈЗ и АХВ.

– Последните добиени резултати од лабораториските испитувања потврдуваат дека водата е микробиолошки и физичко – хемиски исправна односно дека испитаните параметри вклучително и на присуството на резидеален хлор се во границите предвидени со Правилникот за квалитетот на водата за пиење. Со тоа се исполнети условите водата од водоснабдителниот систем во Гостивар повторно да се користи за пиење – изјави Миланов.

Во насока на стабилизирањето и одржувањето на квалитетот и безбедноста на водата се препорачува Јавното комунално претпријатие Комуналец Гостивар да го зголеми производството на сурова вода согласно расположливите капацитети и техничките можности. На граѓаните им се препорачува да ја остават да истече од чешмата неколку секунди особено доколку водата подолго време не била пуштена. Се апелира до граѓаните рационално да ја користат водата особено во период на зголемена потрошувачка.

Тагови

Поврзани вести