Економија
Хрватска со нови мерки за странските работници

Владата ги достави измените на Законот за странци до Парламентот за финално усвојување, со цел подобрување на системот за вработување и усогласување со европските правила.
Премиерот Андреј Пленковиќ истакна дека измените не се само формално усогласување со ЕУ, туку и обид да се создаде поефикасен пазар на труд, со поголема заштита за странските работници и подобра контрола на системот.
Паралелно, најавено е и носење закон за спречување на непријавена работа, кој треба дополнително да воведе ред во оваа област.
Една од новините е воведување долгорочна виза до една година за возачи на камиони и автобуси од трети земји, со јасно дефинирани услови и можност за поништување доколку се злоупотреби.
Измените предвидуваат и построги контроли на границите, побрзи процедури за азил и враќање, како и административно поедноставување на постапките за дозволи за работа.
За странските работници се воведува обврска по една година престој да полагаат испит по хрватски јазик, а се олеснува и промената на работодавач по шест месеци работа. Периодот на дозволена невработеност се продолжува на три, односно шест месеци, во зависност од должината на дозволата.
Дополнително, се воведуваат олеснувања за сезонски работници – дозволите ќе можат да важат до три години, со можност за повторно ангажирање кај ист работодавач.
Рокот за одлучување по барањата ќе биде до 90 дена, а обврската за пријавување на раскин на договор ќе премине кај работодавачите преку електронски систем.
Измените опфаќаат и построги критериуми за вработување странци, вклучително и минимален процент на домашни работници и финансиски услови за работодавачите.
Исто така, престојот за странски студенти се продолжува од една на три години.


