Македонија
Уште еден човек почина од западнонилска треска, eве што соопштија здравствените власти
Уште еден човек почина од западнонилската треска на Инфективната клиника. Станува збор за лице на возраст од 72 години.
За една недела, ова е втор смртен случај од западнонилска треска. На Клиниката за инфективни болести во моментов се хоспитализирани 24 пациенти, од кои неколкумина се на механичка вентилација.
Пред неколку дена, од вирусот почина 83-годишен маж од Скопје, кој се лекувал на Инфективна. Кај пациентот биле присутни и вкочанетост на вратот и нарушена свест, а била утврдена и клиничка слика на менингитис. Дополнително, кај него биле присутни и други болести.
Според податоците на Институтот за јавно здравје, симптомите на вирусот се покачена температура, треска, главоболка, општа слабост, како и болки во зглобовите и во мускулите. Здравствените власти прогласија епидемија во неколку скопски подрачја: Кисела Вода, Гази Баба, Драчево, Илинден, Трубарево, Јурумлери, Идризово. Вирусот се шири во регионот и во Европа.



