Свет
Силен земјотрес на Филипините: Едно лице загина, издадени предупредувања за цунами
Поради опасност од цунами, Индонезија нареди итна евакуација во северните делови на архипелагот. Засегнати се градот Манадо (главниот град на провинцијата Северно Сулавеси), северниот дел на провинцијата Горонтало и островите Сангихе, каде на жителите им е наредено организирано да се евакуираат на повисоки места.

Едно лице загина, а најмалку четири се повредени во силниот земјотрес што го погоди филипинскиот остров Минданао. Од полицијата појаснија дека неколку згради и куќи се урнале на различни места во архипелагот.
Предупредувања за цунами беа издадени откако силен земјотрес го потресе јужниот дел на Филипините. Германскиот истражувачки центар за геонауки (ГФЗ) првично ја процени силата на земјотресот на 8,2 степени според Рихтеровата скала, за подоцна да ја ревидира на 7,8 степени, со епицентар на длабочина од 10 километри.
Геофизичките агенции на Филипините и на соседна Индонезија веднаш издадоа предупредувања за цунами, додека Американскиот систем за предупредување од цунами укажа на опасност од високи бранови. Филипинската агенција ФИВОЛКС ја процени силата на 7 степени според Рихтер и предупреди на можни штети и цунами со бранови од околу еден метар, кои би можеле да потраат неколку часа. Според индонезиската служба, потресот бил со јачина од 7,7 степени.
Началникот на полицијата во градот Алабел во Сарангани, Бенџи Анчета, изјави дека на полициската зграда се појавиле неколку пукнатини од земјотресот, кој се случил веднаш по церемонијата за подигнување на знамето. Тој додаде дека нема информации за повредени во провинцијата, но неколку луѓе се онесвестиле од силниот стрес.
-Ова беше најсилниот земјотрес што некогаш сме го почувствувале, изјави полицискиот началник.
Очевидци во северниот индонезиски град Манадо изјавија дека потресот и таму се почувствувал многу силно. Филипините и Индонезија се дел од тектонскиот Пацифички Огнен Прстен – сеизмички активен појас што се протега од Јужна Америка до рускиот Далечен Исток.
Поради опасност од цунами, Индонезија нареди итна евакуација во северните делови на архипелагот. Засегнати се градот Манадо (главниот град на провинцијата Северно Сулавеси), северниот дел на провинцијата Горонтало и островите Сангихе, каде на жителите им е наредено организирано да се евакуираат на повисоки места.
Десетици илјади Јапонци кои живеат во крајбрежните зони во повеќе региони во земјата, исто така, добија препорака за евакуација поради очекуваните бранови со висина до еден метар, соопшти Јапонската радиотелевизиска корпорација. Јапонската метеоролошка служба претходно предупреди за закана на островите во југозападната префектура Окинава, на островите Кјушу и Шикоку, како и на пацифичкиот брег на островот Хоншу.
Во меѓувреме, претседателот на Филипините, Фердинанд Маркос Помладиот, нареди прекин на наставата во голем број области на островот Минданао.
„Наредувам прекин на часовите во сите образовни институции во погодените подрачја на Минданао до следното известување. Безбедноста на нашите деца е пред сѐ. Министерството за образование ќе ги координира своите активности со локалните власти“, напиша тој на социјалните мрежи. (МИА)



