Македонија
Под контрола пожарот на Халкидики: Над 200 пожарникари на терен, евакуирани стотици туристи

Ситуацијата со големиот пожар во Сивири, на Касандра – првиот крак на Халкидики, утрово е значително подобрена. Активен пожарен фронт повеќе нема, но на повеќе локации остануваат расфрлани жаришта, поради што противпожарните екипи продолжуваат со интензивна интервенција.
Според информациите од грчката противпожарна служба, во гаснењето учествуваат 227 пожарникари, 13 пешадиски тимови и 57 противпожарни возила. Меѓу нив се и 12 пожарникари со три возила од Молдавија, ангажирани во рамките на европскиот механизам за цивилна заштита.
Со разденувањето повторно започнаа и интервенциите од воздух, а на терен се ангажирани и општински цистерни и голем број пожарникари волонтери. Силите остануваат во зголемена готовност поради прогнозите за силен ветер, кој би можел повторно да ги активира жариштата.
Пожарот избувна вчера околу 14 часот по локално време и поради брзото ширење беше наредена евакуација на Сивири, како и на делови од Фурка. Преку бројот 112 беа испратени четири предупредувачки пораки до граѓаните и туристите во поширокиот регион.
По морски пат евакуирани 481 лице
Поради сложената состојба и големите сообраќајни колони, значителен дел од евакуацијата беше извршен по морски пат. Со пловила на крајбрежната и противпожарната служба, приватни и рибарски чамци, како и со траект, од Сивири беа евакуирани вкупно 481 турист и жител.
Од нив, 285 лица од плажата во Сивири биле пренесени до марината во Сани, додека 196 лица со траектот „Спидранер“ биле префрлени во Солун, каде што ги пречекале претставници на грчкиот Црвен крст и организиран автобуски превоз.
Евакуацијата по копнен пат била дополнително отежната поради ограничениот број патни правци за излез од Касандра, што предизвикало долги колони и сериозни проблеми во сообраќајот.
Македонски туристи евакуирани од хотел во Фурка
Меѓу туристите кои добиле наредба за евакуација имало и македонски државјани кои летуваат во Фурка.
Македонска туристка за МИА раскажала дека хотелот во кој престојувале веднаш реагирал и ги евакуирал гостите во центарот на селото. Неколку часа биле без електрична енергија и интернет, а особено вознемирени биле семејствата со мали деца.
Во вечерните часови на туристите им било дозволено да се вратат во хотелот, но со препорака да останат подготвени за евентуална нова евакуација. Туристичката агенција преку која патувале обезбедила и автобус кој бил подготвен, доколку ситуацијата повторно се влоши, да ги врати туристите во Македонија.
Од плажата во Фурка можеле да се забележат густиот чад и хеликоптерите кои полнеле вода од морето, а областа била надлетувана и со дронови.
Изгорени околу 350 хектари
Првичните процени на грчките противпожарни власти се дека пожарот зафатил површина од околу 350 хектари, односно приближно еден процент од вкупната површина на општина Касандра.
Операцијата за гаснење била особено сложена бидејќи пожарот се движел низ густо изграден туристички регион со голем број куќи, хотели и други објекти, а во екот на летната сезона во областа престојуваат и голем број туристи.
Главен приоритет на службите од почетокот биле заштитата на човечките животи и имотот, паралелно со спречувањето на натамошното ширење на огнената стихија.
Засега постојат информации дека огнот зафатил куќи и паркирани автомобили, но конечниот обем на материјалната штета ќе биде утврден откако пожарот целосно ќе биде изгаснат.
Иако утрово нема активен пожарен фронт, противпожарните екипи остануваат на терен поради расфрланите жаришта и опасноста силниот ветер повторно да го разгори огнот.



