Македонија
Повеќе лица повикани во полициска станица по ширењето паника дека бактерија е пронајдена во водата во Скопје

Во полициска станица на информативен разговор се повеќе лица кои преку социјални мрежи и апликации за комуникација во текот на вчерашниот ден испраќаа пораки дека во водата во скопскиот градски водовод е пронајдена бактерија ешерихија коли.
-Секторот за компјутерски криминал при МВР презема соодветни мерки и активности, се утврдуваат профилите на лицата и истите се повикуваат на информативен разговор. По завршување на истражните дејствија соодветно ќе ја информираме јавноста, велат од МВР.
Градоначачникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски на вчерашната вонредна прес-конференција нагласи дека водата во Скопје е безбедна за пиење и нема ешерихија коли или други бактерии.
-Не постои ништо такво и јас одговорно тврдам ние имаме една од петте најдобри води и извори во Европа. И одговорно тврдам и стојам позади тоа. Јас не сум монструм кој ќе дозволи макар еден живот на моите сограѓани да биде загрозен. И било што и да се случува, ние секогаш нема да се соочуваме со добри вести и добри информации. Знаете дека барем кај мене има транспарентност и секогаш навремено ја информирам јавноста – преку социјални мрежи, преку медиуми…- рече тој апелирајќи до граѓаните да бидат спокојни и да не стварат хистерија.
Ѓорѓиевски и директорот на ЈП „Водовод и канализација“, Иван Митровски најавија дека до МВР ќе поднесат соодветни пријави за, како што рекоа, субјектите и центрите кои шират лажни информации и создаваат општа паника меѓу населението.
Вчера се огласија и од здравствениот сектор од каде информираа дека нема регистриран пациент чија состојба се поврзува со загадена вода во Скопје.



