Економија
Пад на цената на нафтата поради надеж за договор меѓу САД и Иран

Цените на нафтата бележат намалување во раното тргување во петок, продолжувајќи го трендот на пад под влијание на зголемениот оптимизам за смирување на тензиите на Блискиот Исток. Пазарите реагираат на привременото 10-дневно примирје меѓу Израел и Либан, како и на најавите за можни разговори меѓу САД и Иран во текот на викендот.
Референтната сурова нафта Брент поевтини за 1,32 проценти и се тргуваше по околу 98 долари за барел, додека американската WTI забележа пад од 1,58 проценти, достигнувајќи околу 93 долари за барел. Со тоа, делумно се анулирани добивките од претходниот ден.
Позитивните дипломатски сигнали придонесоа за намалување на неизвесноста на пазарите. Доналд Трамп изјави дека постои простор за напредок во односите со Иран, посочувајќи дека договор може да се постигне во блиска иднина. Според неговите наводи, Техеран понудил ограничување на својата нуклеарна програма на подолг временски период.
Според информации на Ројтерс, разговорите меѓу двете земји се насочени кон привремен договор, со цел да се спречи нова ескалација, наместо постигнување конечен мировен аранжман.
Во исто време, кризата остави значително влијание врз глобалниот енергетски пазар. Прекините во Ормускиот теснец во изминатиот период блокираа околу 20 проценти од светските испораки на нафта, односно околу 13 милиони барели дневно. Иако цените претходно нагло пораснаа, во последните денови се стабилизираат под 100 долари за барел.
Аналитичарите проценуваат дека цените ќе продолжат да се движат во распон од 80 до 100 долари, сè додека не се постигне подолгорочно решение и не се нормализира транспортот низ теснецот.



