Свет

Неизвесни разговорите меѓу САД и Иран

Иран сигнализира подготвеност за продолжување на разговорите со САД, но поставува јасен услов – укинување на блокадата и прекин на, како што наведува, нарушувањата на примирјето.

Иранскиот амбасадор во Обединетите нации, Амир-Саид Иравани, изјави дека веднаш по евентуално укинување на мерките, нова рунда преговори би можела да се одржи во Исламабад.

„Доколку има волја за политичко решение – ние сме подготвени. Но, ако се избере конфронтација, ќе одговориме соодветно“, порача Иравани.

Сепак, шансите за брзо продолжување на дијалогот се намалуваат. Иако во Исламабад се засилени безбедносните подготовки, сè поизвесно е дека разговорите може да бидат одложени.

Во меѓувреме, ситуацијата на терен останува напната. Техеран повторно предупреди на можни напади врз американски и израелски цели, додека воените претставници сигнализираат дека конфликтот може да има пошироки последици и врз соседните земји.

Од другата страна, САД не отстапуваат од својата позиција. Блокадата на иранските пристаништа и ограничувањата за извоз на нафта остануваат во сила, а притисокот се зголемува и преку финансиски мерки.

Кризата веќе се чувствува глобално – Европската унија разгледува мерки за ублажување на енергетскиот удар, додека растечките трошоци ги принудуваат компаниите да прават кратења. Меѓу нив е и Lufthansa, која најави укинување на илјадници летови.

Дополнителна загриженост предизвика инцидент во близина на Оман, каде бил оштетен товарен брод, но без човечки жртви.

Со ваквата динамика, дипломатските напори стагнираат, а ризикот од поширока ескалација останува висок.

Тагови

Поврзани вести