Свет
НАСА го помести стартот на „Артемис II“, првата мисија со екипаж околу Месечината по 50 години

НАСА го одложи полетувањето на мисијата „Артемис II“, која требаше да биде првата лунарна мисија со екипаж по 1972 година, поради технички потешкотии со ракетниот систем.
Администраторот на агенцијата, Џаред Ајзакмен, информираше дека е откриен проблем со снабдувањето со хелиум во еден од сегментите на ракетата. Поради тоа, ракетата и капсулата „Орион“ ќе бидат тргнати од лансирната рампа во вселенскиот центар „Кенеди“ на Флорида и вратени во хангар за дополнителни проверки и интервенции.
Првичниот план беше мисијата да стартува на почетокот на февруари, но тој термин веќе еднаш беше поместен поради истекување на водород за време на тестирањата. Подоцна, како нов можен рок беше споменат март, но и тој сега отпадна поради новооткриениот технички проблем.
„Артемис II“ треба да однесе четворица астронаути – тројца од САД и еден од Канада – на околу десетдневна мисија околу Месечината. Ова ќе биде првото човечко патување во нејзина близина по повеќе од пет децении, откако последните американски астронаути слетаа на Месечината во рамки на програмата „Аполо“ во 1972 година.
И покрај одложувањето, од НАСА велат дека неодамнешната целосна проба на лансирањето без полетување покажала значителен напредок во подготовките. Новите датуми за старт се очекува да бидат соопштени подоцна оваа година, а како можност се споменува и почетокот на април.
Мисијата „Артемис II“ се смета за клучен чекор во плановите на НАСА за враќање на луѓето на Месечината и како важна основа за идните, подалечни мисии, вклучително и оние кон Марс.


