ЕКО производи

Корејски научници развија нов метод за брзо отстранување на микропластика од вода

Истражувачи од Јужна Кореја развија нов метод со кој за само неколку минути може да се отстранат микро- и нанопластичните честички од водата, со ефикасност поголема од 95 проценти. Техниката има потенцијал за примена и во системите за прочистување на пиечка и отпадна вода.

Методот се базира на поврзување на микроскопските пластични честички со специјално дизајнирани магнетни наночестички од железен оксид. Бидејќи пластиката сама по себе не реагира на магнети, научниците користеле плочести, а не сферични честички, со поголема контактна површина. Нивната површина е дополнително хемиски обработена за да се подобри врзувањето со пластиката преку електростатски и хидрофобни интеракции.

Кога овие наночестички ќе се поврзат со микро- и нанопластиката и ќе се примени магнетско поле, тие се групираат во поголеми структури што создаваат мрежа која ги заробува и најситните честички. Истражувачите го опишуваат овој процес како динамичен механизам на „затворање“, при што пластиката се задржува и хемиски и физички.

Откако загадувачите ќе се соберат, целиот материјал лесно се отстранува со помош на магнет. Металните наночестички потоа можат да се исчистат и повторно да се користат, што ја прави техниката поекономична и поеколошка.

Иако магнетното чистење на микропластика не е целосно нов концепт, комбинацијата од специфичен облик на честичките, нивната површинска хемија и активното дејство на магнетното поле претставува значителен напредок. Новиот пристап овозможува ефикасно отстранување и на честички кои досега биле премали за класичните филтрациски системи.

Научниците сметаат дека технологијата има реален потенцијал за примена во комунални пречистителни станици, индустриски системи и во пошироки еколошки проекти за заштита на водните ресурси.

Тагови

Поврзани вести