Природа
ИЈЗ со апел до граѓаните: Почитувајте ги препораките за заштита од топлотниот бран
Поради најавените високи температури кои ќе траат до 7 август, Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) упати апел до граѓаните да ги почитуваат препораките за заштита од топлотниот бран, особено во периодот од 11 до 17 часот, кога изложеноста на сонце е најризична.
Од ИЈЗ предупредуваат дека кога температурата на воздухот се приближува или ја надминува нормалната телесна температура, организмот потешко се разладува, а високата влажност дополнително го отежнува испарувањето на потта. Како последица може да се јават слабост, вртоглавица, сува уста, гадење, прекумерно потење, грчеви и сува кожа. Во потешки случаи може да дојде до престанок на потење, екстремно топла кожа, конфузија, забрзана работа на срцето, отежнато дишење, губење на свеста, па дури и животозагрозувачки состојби.
Најранливи се лицата постари од 60 години, бремените жени, децата, лицата кои работат на отворено, социјално ранливите категории, како и хронично болните, особено оние со кардиоваскуларни, белодробни, бубрежни и невролошки заболувања, дијабетес, дебелина и лица кои користат одредени видови терапија.
ИЈЗ препорачува граѓаните да избегнуваат директно изложување на сонце во најтоплиот дел од денот, да носат лесна и светла облека, заштитни очила и капа, како и да престојуваат во климатизирани простории. Доколку е неопходен престој на отворено, се советуваат почести паузи под сенка.
Дополнително, се препорачува внесување доволно течности, пред сè вода и минерални безалкохолни пијалаци, како и избегнување алкохол, пијалаци со кофеин и многу ладни напивки. Исхраната треба да биде лесна, со избегнување масна, висококалорична и премногу засладена храна.
Институтот предупредува и на опасноста од престој во паркирани возила, кои за кратко време достигнуваат екстремно високи температури. Апелираат никогаш да не се оставаат деца, стари лица или домашни миленици во затворен автомобил, дури ни на краток период.
Лицата со хронични заболувања треба редовно да ја земаат пропишаната терапија и при секоја промена на здравствената состојба да се консултираат со својот матичен лекар.
Доколку се појават симптоми како зашеметеност, силна жед, главоболка, слабост или грчеви, потребно е лицето веднаш да се премести на поладно место, да внесе течности и да се разлади. Ако симптомите се влошат или лицето е без свест, има топла и сува кожа или грчеви, неопходно е веднаш да се повика Итната медицинска помош на 194 или бројот за итни случаи 112.
Од ИЈЗ потсетуваат дека навременото препознавање на симптомите и почитувањето на препораките може значително да го намали ризикот од сериозни последици по здравјето за време на топлотниот бран.
Фото: Freepik



