Македонија
Нови откритија во Дојран: Праисториската наколна населба кај Мрдаја е многу постара отколку што се мислеше
Археолошките истражувања на праисториската наколна населба кај Мрдаја во Стар Дојран продолжуваат и годинава, а првичните резултати веќе донесоа значајно откритие – животот во населбата започнал неколку века порано од досегашните претпоставки.
Истражувањата ги спроведува археолошки тим на НУ „Завод и музеј – Струмица“, предводен од археологот м-р Зоран Рујак, со поддршка од Министерството за култура и туризам.
Досега се сметаше дека наколната населба на брегот на Дојранското Езеро потекнува од доцното бронзено време и преодниот период меѓу бронзеното и железното време. Новите наоди, меѓутоа, покажуваат дека населбата постоела уште во средното бронзено време, со што почетоците на животот на ова место се поместуваат во првата половина на вториот милениум пред нашата ера.
Тргувале и со подалечни населби
Наодите откриваат и дека жителите на Мрдаја не живееле изолирано. Одредени археолошки предмети укажуваат на трговски врски со подалечни региони, меѓу кои и со бронзанодобската населба на локалитетот Цареви Кули кај Струмица.
Годинашните истражувања треба дополнително да ги утврдат големината и просторната организација на населбата, нејзината содржина и периодите во кои луѓето живееле на брегот на Дојранското Езеро.
Дојран треба да добие и Музеј на вода
Паралелно со археолошките истражувања се изработува и Основен проект за Музеј на вода во Дојранското Езеро.
Идејата е преку музејот посетителите да можат непосредно да се запознаат со изгледот и начинот на живот во праисториската наколна населба, како и со археолошките предмети откриени при истражувањата.
Со реализацијата на проектот, Мрдаја би можела да стане не само значаен археолошки локалитет, туку и нова туристичка и културна атракција на Дојран, преку која ќе биде претставен животот покрај езерото од пред повеќе од три илјади години.



