Свет

Природните катастрофи ја чинеа Кина над пет милијарди долари само во август

Директната економска штета од природните катастрофи што ја погодија Кина во август достигнала 36,03 милијарди јуани, односно околу 5,38 милијарди долари, соопшти кинеското Министерство за управување со вонредни ситуации.

Во катастрофите во текот на месецот загинале или се водат како исчезнати 595 лица, а последиците ги почувствувале вкупно 12,62 милиони луѓе. Оштетени биле и околу 857.400 хектари земјоделски површини.

Најголем дел од штетата ја предизвикал тајфунот „Делфин“, најсилниот што годинава ја погодил Кина. Само од него економските загуби се проценуваат на 28,26 милијарди јуани, што претставува околу 78 проценти од вкупната штета од природните катастрофи во август.

Од четирите тајфуни што во текот на месецот стигнале до кинеското копно, „Делфин“ имал најшироко влијание. Погодени биле околу 8,8 милиони луѓе, како и 365.900 хектари земјоделско земјиште.

Тешки последици предизвикале и поплавите и свлечиштето во областа на граничниот премин меѓу кинескиот автономен регион Тибет и Непал. Според информациите наведени во извештајот, во катастрофата во двете земји загинале повеќе од 1.400 луѓе.

Размерите на последиците од уривањето на глечерот сè уште се утврдуваат. Според последните официјални кинески податоци наведени во извештајот, 43 лица загинале, а 519 сè уште се водат како исчезнати.

Извор: МИА

Тагови

Поврзани вести