Медицина
Изберете лесна и широка облека од памук, користете тенок чаршав од природни материјали, советува ИЈЗ за квалитетен сон при топло време

Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) објави јавноздравствени препораки за квалитетен сон при топло време. Македонија и регионот се погодени од неверојатно топол бран. Темепратурите се високи, влажноста е голема, тешко се поднесува жештината, а ИЈЗ советува за спиење да се користи лесна и широка облека од памук и постелина од природни материјали.
Високите температури, особено во текот на ноќта, можат да го отежнат заспивањето, да предизвикаат почести будења и да го нарушат квалитетот на сонот. Недоволниот и неквалитетен сон може да придонесе за замор, намалена концентрација и потешко функционирање во текот на следниот ден.
Одржувајте ја спалната соба пријатно разладена. Преголемата топлина може да го отежне заспивањето и да го наруши континуитетот на сонот. Температурата при која најдобро се спие може да се разликува од човек до човек и зависи и од влажноста, облеката и постелнината. Во периоди на високи температури, доколку користите климатизер, одржувајте температура од околу 25 °C и избегнувајте прекумерно разладување.
Проветрувајте кога надворешниот воздух е посвеж. Отворете ги прозорците во вечерните, ноќните и раните утрински часови, кога надворешниот воздух е посвеж од воздухот во просторијата. Кога надворешната температура е повисока од температурата во просторијата, држете ги прозорците затворени. При отворање на прозорците користете соодветна заштита од инсекти и други животни, каде што е потребно.
Намалете го загревањето на спалната соба во текот на денот. Засенчете ги прозорците изложени на директна сончева светлина со ролетни, кепенци или завеси и исклучете ги светлата и електричните уреди што не се неопходни.
Обезбедете природна сенка со зеленило. Дрвјата и другото зеленило околу домот обезбедуваат природна сенка и придонесуваат за намалување на загревањето на непосредната околина. Зачувувањето на постојното зеленило и садењето нови дрвја се важни долгорочни мерки за создавање попријатна животна средина.
Изберете постелнина соодветна за топло време. Во топлите ноќи избегнувајте дебели прекривки и користете тенок чаршаф и постелнина од природни материјали, како памук, кои овозможуваат подобра циркулација на воздухот.
Изберете лесна и широка облека за спиење, по можност од памук или други природни материјали што овозможуваат подобра циркулација на воздухот и помагаат телото полесно да се разладува.
Разладете се пред спиење. Туширањето со млака вода пред спиење може да помогне во разладувањето на телото и да придонесе за попријатен сон. Доколку не сте во можност да се истуширате, измијте ги лицето, вратот, рацете и нозете со ладна или млака вода.
Одржувајте соодветна хидратација во текот на денот и имајте вода во близина во текот на ноќта.
Избегнувајте обилни оброци пред спиење. Последниот поголем оброк настојувајте да биде 2–4 часа пред легнување, а во вечерните часови избегнувајте обилна и тешко сварлива храна, бидејќи може да го отежне варењето и да го наруши квалитетот на сонот.
Избегнувајте алкохол и ограничете го внесот на кофеин, особено во периодот од 6 часа пред спиење. Истражувањата покажуваат дека кофеинот внесен и неколку часа пред легнување може да го отежне заспивањето и да го наруши квалитетот и времетраењето на сонот.
Создадете услови за мирен сон. Затемнете ја просторијата колку што е можно повеќе и намалете ги бучавата и употребата на електронски уреди пред спиење.
Одржувајте редовен ритам на спиење. Настојувајте да легнувате и да станувате во приближно исто време, и во периодите на топло време.
Следете ги официјалните информации и препораки за топлотните бранови и приспособете ги секојдневните активности на временските услови.
Пријатно разладената спална соба, соодветната хидратација и редовниот ритам на спиење можат да помогнат за поквалитетен сон и подобро закрепнување на организмот во периоди на високи температури.
FacebookTwitterCopy LinkShare



