Економија

Европа и САД ослободуваат милиони барели нафта за стабилизирање на пазарот

Европа ќе пушти на пазарот околу 73 милиони барели нафтени производи и приближно 35 милиони барели сурова нафта од своите стратешки резерви од крајот на март. Од нив, 32,7 милиони барели ќе дојдат од резервите на европските држави, додека компаниите ќе ослободат 74,7 милиони барели, објави Меѓународната агенција за енергија (ИЕА).

Околу две третини од овие количини се нафтени производи, додека остатокот од 35 милиони барели ќе биде сурова нафта.

Во меѓувреме, Соединетите Американски Држави најавија ослободување само на сурова нафта од своите стратешки резерви, вкупно 172,2 милиони барели, исто така од крајот на март.

Одлуката за ослободување на резервите следи по едногласното прифаќање на предлогот на ИЕА минатата недела, кој предвидува вкупно 400 милиони барели да се пласираат на пазарот со цел стабилизирање на цените на нафтата, особено поради ризиците од прекини во снабдувањето од Блискиот Исток.

Вкупно, земјите-членки на ИЕА ќе внесат 411,9 милиони барели на пазарот, при што 72% од количината ќе биде сурова нафта, а 28% нафтени производи.

Членките од Азиско-пацифичкиот регион планираат веднаш да ослободат околу 109 милиони барели нафта и нафтени производи од своите резерви, се наведува во соопштението на агенцијата.

Тагови

Поврзани вести