
Најмалку 12 лица загинаа, а десет се тешко повредени во тешка сообраќајна несреќа што рано утрово се случи во источниот дел на Унгарија, откако автобус со полски регистарски таблички излета од автопатот М3 и се преврте во канал.
Несреќата се случила околу еден часот по полноќ, во близина на градот Мезекерестеш, на околу 140 километри источно од Будимпешта. Автобусот се движел во правец кон Ниреѓхаза кога, на прав дел од автопатот, излетал од коловозот, завршил во канал и се превртел.
Во автобусот се наоѓале 57 патници и двајца возачи. Станувало збор за полски државјани кои се враќале од поклонение во Меѓугорје, Босна и Херцеговина, кон Полска. Според полските медиуми, најголемиот дел од патниците биле од Подкарпатското Војводство.
Се истражува дали возачот заспал
Според првичните информации на унгарската полиција, една од главните претпоставки е дека возачот можеби заспал зад воланот, по што автобусот го напуштил патот. Станува збор за прелиминарна верзија, а точната причина за трагедијата допрва треба да биде утврдена во истрагата.
Возачот е приведен, а полицијата продолжува со истрагата за околностите под кои се случила несреќата.
На местото на трагедијата интервенирале голем број екипи на итната помош, пожарникари и полиција. Повредените биле пренесени во болница, додека спасувачките екипи работеле на извлекување на патниците од тешко оштетениот автобус.
Фотографиите од местото покажуваат автобус превртен на страна, со искршени прозорци и лични предмети и багаж расфрлани околу местото на несреќата.
Се враќале од поклонение во Меѓугорје
Групата се враќала во Полска по организирано верско патување во Меѓугорје, едно од најпосетуваните католички места за поклонение во регионот.
Полските власти се во контакт со унгарските институции, а конзуларните служби работат на утврдување на сите детали и обезбедување помош за повредените и семејствата на жртвите.
Унгарскиот премиер Петер Маѓар и полскиот претседател Карол Навроцки изразија сочувство до семејствата на загинатите и им се заблагодарија на спасувачките служби кои интервенираа по несреќата.
Истрагата продолжува, а властите треба да утврдат дали заморот на возачот бил непосредна причина за една од најтешките автобуските несреќи во Унгарија во последниот период.



