Вода
Водата во Свети Николе повторно безбедна за пиење, се очекува уште една анализа
По целосното санирање на дефектот на водоводната мрежа во Свети Николе, водата од испитаните мерни места е здравствено исправна и безбедна за пиење, информираат надлежните.
Согласно утврдените процедури, по отстранувањето на дефектот биле земени контролни примероци од повеќе мерни места за испитување на квалитетот и здравствената исправност на водата. Резултатите од две последователни анализи потврдиле дека водата од испитаните точки ги исполнува условите за безбедно користење.
Во рамки на контролата биле опфатени и државните институции и објекти од особено значење, со цел да се добие целосен увид во состојбата со квалитетот на водата.
Сепак, сè уште се очекува резултатот од анализата за мерното место „Св. Лидија“, односно потегот од Св. Лидија до Парк, кој опфаќа и пет куќи. По добивањето на официјалниот резултат, јавноста ќе биде дополнително информирана за состојбата во овој дел од водоводната мрежа.
Надлежните посочуваат дека контролата и следењето на квалитетот на водата продолжуваат и во наредниот период, со цел да се обезбеди сигурност и заштита на здравјето на населението.
Граѓаните ќе бидат информирани за секој нов резултат од анализите, како и за евентуални дополнителни препораки.



