Забава
Спачек изработен од дрво
Најскапиот Спачек во историјата е изработен од дрво: Уникатниот „Citroen 2CV“ продаден за неверојатни 210.000 евра

Дрвениот „Citroen 2CV“ настанал во 2011 година. Уникатниот Спачек бил продаден на „35th Garden Party Auction“ во дворецот Шато д’Артињи во Монтбазон. Тој постигнал цена од 210.000 евра, со што го соборил претходниот рекорд за дури 40.000 евра.

Дрвениот автомобил е инспириран од славниот „Citroen“ од 1955 година, а на самата изработка биле потрошени над 5000 работни часови. Освен надворешноста, од дрво се изработени и сите елементи на ентериерот, вклучувајќи го и воланот и седиштата кои се прекриени со дрвени летви. Било користено дрво од цреша, јаболка и круша, а ова ремек-дело го потпишува пензионираниот столар Мишел Робијар.
Основата на автомобилот е „Citroen Dyane“ од 1969 година, а за движењето се грижи мал 2-цилиндричен мотор со капацитет од 602 cm3. Автомобилот е во возна состојба, може да достигне до 80 км/ч., но не е регистриран за користење на јавни патишта.

Купувачот на овој уникатен Спачек е Жан-Пол Фаван, еден од основачите на Музејот за саемски уметности, па многу е веројатно дека овој 2CV ќе биде изложен во трајната постава на музејот.
Робијар, автор на овој автомобил, веќе најавил нов проект – следно планира да изработи „Citroen DS 21 Decapotable Chapron“, исто така од дрво.






