Настани

Шпанија: 35 повредени во трка со бикови

Шест лица се повредени денеска во последната трка со бикови на Денот на Свети Фирмин во Памплона, северна Шпанија, со што вкупниот број на повредени на годинешниот фестивал кој привлекува туристи од целиот свет се искачи на 35.Последната трка, која траеше нешто повеќе од две минути, заврши со хоспитализација на пет лица, но ниту една од повредите не е резултат на забивање со рогови, изјави портпаролката на универзитетската болница во Навара. Меѓу хоспитализираните, две лица се тешко повредени, додаде таа, едното се здобило со „контузија на градниот кош“, а другото со „повреда на главата“, додаде Марта Мартин.

Црвениот крст соопшти дека на шести тркач му била пружена медицинска помош во амбуланта во арената во Памплона. Оваа година повредени се вкупно 35 лица, но ниту еден не е критично. Најнеобична е секако повредата на 58-годишниот Холанѓанец кој добил мала расекотина на тестисите од удар со рог.

На прославата на Св. Фирмин што се одржува секоја година од 6 до 15 јули, стотици тркачи во бели маици или кошули и со црвена марама на главите се обидуваат секое утро во 08:00 часот во текот на осум дена да се доближат што е можно поблиску до шесте бикови за борба на тркачката патека долга 850 метри низ тесните градски улички до арената.

Трката овековечена во романот „Сонцето повторно се раѓа“ на Ернест Хемингвеј од 1926 година привлекува туристи од целиот свет. Секоја година, десетици луѓе се повредени, а има и мртви, за време на пуштањето на биковите „encierros“.

Од 1911 година, кога почна да се води статистика, животот го загубија најмалку 16 луѓе. Последната жртва падна во 2009 година кога бик на рогови набоди 27-годишен Шпанец.

Тагови

Поврзани вести