Македонија
Шар Планина ќе се прогласи за национален парк врз основа на студијата за валоризација
Биолошката разновидност на Шар Планина е уникатна и може да се каже дека се карактеризира го големи вредности по кои се издвојува од сите останати природни подрачја во Република Македонија.
„Студија за валоризација на Шар Планина” е клучниот документ од речиси 700 страници што беше завршен во март 2020 година, по што постапката за прогласување на масивот за национален парк отиде чекор напред со одлука на Владата на 5 мај за прифатливоста на иницијативата. Сега следува спроведување на јавна консултација и јавна расправа и усвојување на Законот за прогласување, кој за категоријата Национален парк го усвојува Собранието, на предлог на Владата.
Главен исчекор во создавањето на студијата е проектот „Постигнувањето на зачувување на биолошката разновидност, преку создавање и ефикасно управување со заштитените подрачја и интегрирање на биолошката разновидност во планирање на користење на земјиштето”, финансиран од Глобалниот фонд за животна средина, имплементиран преку Програмата на Обединетите Нации за животна средина (УНЕП), каде главен корисник е Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), а во својата прва, компонента, предвидува проширување на мрежата на заштитени подрачја во државата.
-Во рамки на оваа компонента, беше дефинирана потребата од изработка на Студија за валоризација на Шар Планина и поднесување иницијатива за прогласување на национален парк Шар Планина. Во рамките на споментатиот проект, ангажиран е конзорциум партнери, Институтот за екологија и технологија од Тетовскиот Државен Универзитет (главен партнер/одговорен координатор) и Институтот за биологија при Природно-математичкиот факултет од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј”, за изработка на студијата. Студијата обезбеди научни податоци (врз основа на веќе публикувани студии и двегодишни истражувања на терен) за моменталната состојба на природното наследство за предвиденото заштитено подрачје. Во таа насока се обработени одделни тематски подрачја како што се, геодиверзитет, клима и педологија, билошка разновидност (флора, габи и фауна), екосистеми и предели. Студијата опфаќа дел за валоризација на природното наследство и социо-економските вредности и анализа на заканите, како и поголем број анализи, стратегии и информации, посочуваат од УНЕП, МЖСПП и експертскиот тим, како главни автори на студијата.
Авторите посочуваат во студијата дека предложената категоријата за заштита-Национален парк, најмногу одговара на карактеристиките на просторот од Шар Планина.
-Во овој простор се идентификувани голем број разновидни вредности на геодверзитетот и биодиверзитетот. Биолошката разновидност на Шар Планина е уникатна и може да се каже дека се карактеризира го големи вредности по кои се издвојува од сите останати природни подрачја во Република Македонија. Заради исклучителните природни вредности делови од Шар Планина се идентификувани како еден од најзначајните подрачја за зачувување на природата на национално, регионално и европско ниво. Дел од Шар Планина е вклучен во Националната Емералд мрежа, којашто произлегува од обврските на државата за имплементација на Конвенцијата за заштита на дивиот свет и природните живеалишта во Европа (Бернска Конвенција). Шар Планина претставува потенцијално идно „Натура 2000″ подрачје, кое поседува високи природни вредности, но за потврда на истите потребно е да се реализираат повеќегодишни научни истражувања. Шар Планина на национално ниво е идентификувана како значаен орнитолошки локалитет, значајно растително подрачје и значајно подрачје за пеперутки. Поголем дел од растенијата, габите и животните, кои се среќаваат на Шар Планина имаат меѓународен режим на заштита согласно ратификуваните меѓународни договори од нашата држава и согласно ЕУ директивите за живеалишта и птици, велат авторите на студијата.
Согласно Законот за заштита на природата со Студијата за валоризација се предвидува зонирање на заштитеното подрачје во три зони.
Тоа се зона за строга заштита, зона за активно управување и зона за одржливо користење. Во секоја од зоните се предвидува соодветен режим на заштита. Дополнително, каде се покаже дека е потребно, се воспоставува и зона на заштитен појас. Генерално, економскиот развој на идниот Национален парк ќе се одвива во зоната за одржливо користење, но активностите ќе се одвиваат на одржлив начин, во согласност со Планот за управување на идното заштитено подрачје и Просторниот План за истото (документи, кои дополнително треба да се подготват и ќе бидат основа за работа на идното тело за управување со подрачјето). Во зона за активно управување (ЗАУ) се дозволени традиционални практики и екотуризам, а зона за строга заштита (ЗСЗ) има основна цел да ја задржи природната состојба на живеалиштата и интересот за економски активности е најмал.
Скијачкиот Центар „Попова Шапка” се наоѓа во зоната за одржлив развој, што овозможува и понатаму да продолжи развојот на туризмот .
-Со цел заштита на природата и вклопување на туристичките понуди во идната програма за развој на туризмот, како составен дел од планот за управување со НП Шар Планина, функционирањето на туристичките објекти треба да биде одржливо. Во однос на рурален туризам, во рамки на истражувањата за пределите, шарпланинскиот рурален предел е вреднуван со особено висок индекс на визуелен квалитет, заради зачуваниот рурален изглед, заради што има висок потенцијал за развој на рурален туризам. Пределот е најрепрезентативен кај атaрите на селата Вејце, Бозовце, Вешала и Бродец. Вреди да се споменат и атарите на селата Ѓермо, Јеловјане, Ново Село, Ломница, Калиште и Дуф.
Во Студијата има посебен дел кој дава препораки за користење на природните ресурси од страна на населението.
-Во однос на земјоделството, вклучувајќи и растително производство и сточарство, во зона на одржливо користење (ЗОК) ќе се препорачува одржливо земјоделство, по принципите на органско, но секако нема да биде забрането класично земјоделство. Во зоната за активно управување ќе има одредени препораки во однос на големините на парцелите за растителното производство (и нивно одвојување со меѓи од природна вегетација на секој декар), но ќе биде дозволено традиционално земјоделство. Традиционалното сточарење е одлика на Шар Планина и е исклучително важно за одржување на секундарно антропогените живеалишта, заради што пасењето се смета за пожелна активност. Секако треба да се напомене дека сите активности ќе бидат контролирани од страна на управувачот, идната Јавна установа Национален парк Шар Планина. Во однос на користењето на шумите (и собирањето диви растенија), тоа ќе биде возможно (на контролиран и одржлив начин) да продолжи во зоната за одржливо користење. Во зоната за активно управување, генерално сите активности треба да бидат насочени кон ревитализација на природата, според тоа, практиките треба да бидат во согласност со целите за зачувување на природата, се посочува во студијата.
Вкупната површина на предлог заштитеното подрачје Национален парк Шар Планина изнесува 54.214,08 хeктари.