Култура
Учениците од „Лазар Личеновски“ утре со изложба на акт

Учениците од четврта година во Државното средно уметничко училиште „Лазар Личеновски“ во Скопје утре со почеток во 20 часот ќе ја отворат својата изложба на акт, која ќе се одржи во галерискиот простор на училиштето.
Изложбата претставува круна на нивната наставна и практична работа и е реализирана под менторство на професорката Мирослава Микица Трујкановиќ.
Публиката ќе има можност да види избор на дела изработени во различни ликовни техники, со акцент на човечката фигура, пропорциите и композицијата. Преку оваа класична уметничка дисциплина, учениците го демонстрираат својот развој и напредок во визуелното изразување.
Настанот има за цел да ја доближи работата на младите автори до пошироката јавност, но и да понуди увид во нивниот творечки процес и академска подготовка.
Изложбата е отворена за посетители и е дел од редовната програма на училиштето.



