ЕКО бизнис

Робот-таксито ќе стартува во Хрватска

Основачот на Римац Аутомобили, Мате Римац, претстави роботско такси со две седишта, со намера истото да биде пуштено во служба во 2026 година.

 

Робот-таксито Верн ќе има само две седишта, бидејќи истражувањето покажа дека во девет од секои 10 возења има само едно или две лица во такси-превозот.Робот-таксито Верн ќе има само две седишта, бидејќи истражувањето покажа дека во девет од секои 10 возења има само едно или две лица во такси-превозот.

Автомобилот ќе претставува дел од услугата за повик на автономни возила за превоз на патници, којашто се води под името Верн. Таа ќе почне да се нуди прво во Загреб, а намерата за понатаму е услугата да стане достапна и во Германија и Обединетото Кралство, стои во соопштението од Верн.

Роботското такси ќе ја користи платформата Драјв на компанијата Мобилај, како и сензорски пакет што ќе овозможи автономно возење од 4-то ниво.

Платформата Мобилај ја користи и групацијата Фолксваген, за робот-таксито со електричниот Фолксваген ИД Баз, коешто исто така треба да почне со служба во 2026 година.

Името Верн е избрано по францускиот писател на научна фантастика Жил Верн, кој ги има напишано романите „20 илјади милји под морето“ и „Патување до средиштето на Земјата“.

Возилото има само две седишта, затоа што истражувањето на компанијата покажа дека во девет од секои 10 возења во такси, во возилото се превезува само едно или две лица.

Таквиот избор ѝ овозможи на компанијата да „создаде неспоредлива просторност во кабината, за возило со компактна големина,“ кажува во соопштението за јавноста Адриано Мудри, главниот дизајнер на Римац.

Компанијата соопшти дека во робот-таксито има повеќе простор за нозете отколку во Ролс-Ројс.

Во возилото отсуствуваат бројни уреди што се суштински кај вообичаените автомобили, како управувач или педали. Затоа, пак, во кабината се наоѓа огромен дисплеј од 43 инчи, за прикажување забавни содржини и информации поврзани со возењето.

Со системите во возилото се комуницира преку поле на допир. Тоа служи, на пример, за менување на температурата во кабината.

Автомобилот ќе се пушти во служба заедно со апликација, што на корисниците ќе им овозможи да ги добијат своите лични барања во возилото што ќе пристигне, секогаш кога ќе нарачаат возење. Тоа се однесува на светлото во кабината, температурата, па дури и мирисот во кабината ќе може да се избира преку апликацијата.

„И покрај тоа што корисниците не го поседуват возилото, тоа ќе биде нагодено за внатре да се чувствувате како тоа да е Ваше возило,“ кажуваат од Верн.

Автомобилите ќе се враќаат во централата во градот, за полнење на батеријата, за чистење и редовна проверка. „Конечниот резултат ќе биде најдобро можно искуство за секого,“ порачува Мате Римац.

 

Мобилај Драјв соединува лидар, радар и камери, за да ја одреди положбата на возилото во просторот. Точниот состав на системот не се открива, меѓутоа прототипите од ИД Баз, што го користат истиот систем, располагаат со два компјутери со високи перформанси, како и со 13 камери, 9 лидари и 5 радари.

Верн открива дека веќе имаат потпишано договори со 11 градови во ЕУ, во ОК и на Средниот Исток, а во меѓувреме се водат преговори со повеќе од 30 градови ширум светот.

Хрватскиот претприемач Мате Римац ја основаше Римац Аутомобили во 2011 година и денес раководи со автомобилскиот бизнис на групацијата Римац, со испорака на делови за производство на електрични возила со високи перформанси, како и со заедничката компанија со Порше, чијшто дел од 2021 година е и ултралуксузната марка Бугати.

Тагови

Поврзани вести