ЕКО производи

Приносите од пчеларството се преполовени

Приносите од пчеларството последните години драстично се намалени. Во 1990-те години имало над 20 килограми по пчелно семејство, а денес едвај има по 10 килограми. Сушата и температурите не дозволуваат вегетацијата да биде свежа за да може пчелата да ја искористи, велат од Здружението на пчелари Охрид.

 

Организиран откуп на медот во државата нема. Продажбата оди преку „куќен праг“, на отворено на пазарите, а оние кои се регистрирани како примарни производители го продаваат медот по маркетите.

Еден од поголемите предизвици денес на пчеларите е и лажниот, фалсификуван мед со кој се преплавени пазарите. Трпчески вели дека инспекторите ги зачестиле акциите на терен, но санкциите мора да бидат поголеми за да се сузбие ваквиот начин на заработка на лажните пчелари.

„Мој апел е пчеларите да ги декларираат своите пчелни производи, бидејќи тоа е еден вид лична карта на нивниот пчеларник и за нив. Апел до потрошувачите да купуваат од локалните производители и со тоа да ја поддржуваат локалната економија. Апел до инспекцијата Агенција за храна и ветеринарство и Пазарната инспекција да прават позачестени контроли особено на пазарите. И да има многу повисоки казни особено онаму каде има репетиција, бидејќи на некои трговци им е поисплатливо да ја платат казната отколку да се откажат од продажбата на лажен мед“, вели Трпчески.

Државата обезбедува субвенции како стимулативна мерка за пчеларите, 600 денари по пчелно семејство, а регистрираните примарни производители добиваат дополнителни средства како мерка за поддршка. Трпчески вели дека е потребно да се намали ДДВ за пчеларската опрема оти за разлика од останатите земјоделски гранки, само пчеларите плаќаат волкав данок.

Пчеларството е единствената гранка во земјоделството која последниве години бележи подем. На територијата на Охрид и Дебрца има околу 350 пчелари, а последниве години има сѐ повеќе млади кои сакаат да се едуцираат за пчеларство.

Тагови

Поврзани вести